репост

Гаси цигарата, стоко со жолти заби!

Пушачите се првите Евреи на нашето време, одвратна неариевска раса со жолти заби и нокти на кои наскоро ќе им се придружат сите оние кои го коштаат буџетот на Здравиот Рајх и јадат мрсна храна, пијат алкохол, водат љубов без кондоми, носат тесна облека, гледаат телевизија, висат на интернет, се тетовираат или сред лето се сончаат меѓу 10 сабајле и 4 попладне.

Пред некој ден во еден загребски ресторан, во просторијата предвидена за пушење, седевме со пријатели и нивниот малолетен син. Силно тоа го изнервира господинот кој седеше две маси подалеку па стана и со презир во гласот ни одржа незгодно предавање за неодговорните родители кои децата ги изложуваат на тутунски чад, потсетувајќи не дека е докажано како 99,9 посто од децата на пушачите и сами стануваат пушачи. Нашиот мал пријател не е крив што ние не можеме да и се спротивставиме на таа, како се вика сега тоа, одвратна навика. Сепак, на ревносниот хигиеничар полугласно му порачавме да ни попуши.

Велам полугласно, за себе, затоа што туѓите пушачки навики, по нашето скромно а спротивно мислење, стварно не се нешто што треба да го знае целата кафана. Ама и затоа што не бевме сигурни дека веќе во следниот момент нема да упадне антипушачки гестапо, на пријателите да им го одземе детето и да го прати во некој планински интернат на ариевско челичење а нас да нè стрпа во сточни вагони и да не транспортира во Јасеновац.

Може да ви изгледа претеран мојот страв, дозволувам. Меѓутоа, антипушачката хистерија го доживува својот врв; хрватскиот законодавец пропиша дека тутунските производи веќе не смеат јавно да се истакнуваат во дуќаните што значи дека трговците ќе мора да ги држат под пулт. Пушачите станаа најпрезрена популација на 21-от век, дури и муслиманите се подобри луѓе од нас, а пола од спонзорираните научни установи се бават со докажување на штетноста на тутунскиот чад, најотровната и најопасната материја која човек кога било ја испуштил во атмосферата.

Пушачите дефинитивно ги трујат децата, тоа е насилство над нив, нема да спориме околу тоа. Оттука, пушењето во становите би требало да се забрани, баш како и претепувањето деца, а таквите родители остро да се казнат. Ако сите се согласуваме околу тоа, тогаш нема да биде проблем да се донесе закон кој на антипушачкиот гестапо ќе му овозможи ненајавен, во кој бил дел на денот или ноќта, да им упаѓа на луѓето во становите и да проверува дали тука се пуши.

Претерано? Потсетувам дека тука живеат убијци. Да знае полицијата дека во станот на вториот спрат живее терорист кој планира со цијанид да потепа цел трговски центар невини луѓе, никој претерано не би се искршил да го брани неговото право на неповредливост на домот и приватната сопственост. Во што е тогаш разликата? Освен што никотинот подолго се задржува во воздух отколку цијанидот а пушачот во својот живот ќе потепа повеќе луѓе отколку оној терорист?

Како што гледате, има тој нацизам многу добри страни ама и една незгодна: ќе упадне Гестапото и во станот на оној нацистички симпатизер од почетокот на приказнава. Не знае Гестапо во кој стан се ариевци а во кој не се, во кој се пуши а во кој не. Но, пристојни се гестаповците, не е тоа примитивна пушачка стока: со стерилни ракавици ќе му го претресе креветот и фиоките со долен веш, со нов пар ракавици педантно ќе провери да не крие во анусот пакло цигари, на детето ќе му направи биопсија на белите дробови и ако се биде в ред, љубезно ќе се извини за евентуалните непријатности.

А тогаш, кога веќе ќе бидат на врата, оној стариот, ќопавиот, во кожен мантил, со своето искусно око ќе забележи нешто сомнително, ќе погледне со стиснати очи, ќе влезе во кујната и со стапот ќе го подигне капакот на кантата за ѓубре.

- Вас ис дас? - ќе праша со леден глас.

- Вас? Дас? - ќе се препоти нашиот антипушачки ариевец. - Немам појма од каде тоа тука!

- Проклети убијци - со видлив израз на гадење стариот гестаповски волк ќе извади од кантата картонско пакување на Хепи мил од Мекдоналдс во кое тивко умирале 3-4 пржени компирчиња. - Знаете ли дека еден хамбургер има 450 калории?

Момент подоцна, ужасен крик ќе ја исполни кулата во Нов Загреб, ќе крши раце жената додека од раце и го откорнуваат малиот, ќе им пружа отпор дебелиот маж на двајцата гестаповци додека го трпаат во камионот со педесетина слични очајници.

Претерувам? Не: пушачите се првите Евреи на нашето време, одвратна неариевска раса со жолти заби и нокти на кои наскоро ќе им се придружат сите оние кои го коштаат буџетот на Здравиот Рајх и јадат мрсна храна, пијат алкохол, водат љубов без кондоми, носат тесна облека, гледаат телевизија, висат на интернет, се тетовираат или сред лето се сончаат меѓу 10 сабајле и 4 попладне. Не е точно, ќе кажете: за почеток, пушењето е ваш избор, не е грев од раѓање. Сигурни ли сте? Да ве потсетам дека 99,9 посто од децата на пушачите и самите стануваат пушачи. Значи, постои само еден начин таа одвратна навика да се искорени еднаш засекогаш.

Борис Дежуловиќ

11 декември 2014 - 17:44