Интервју со Харви Вајнстин:

Затворениците ги интересира само Квентин Тарантино

Паднатиот филмски могул и осрамотeн крал на Холивуд во самица проаѓа 23 часа на ден. Чита лектири, книги и мемоари, понекогаш ќе изгледа филм, стравува дека ќе умре зад решетки бидејќи има рак на коски. Признава дека бил нахален и арогантен, но не и дека некого сексуално нападнал. За оние кои го обвинија вели дека главно се работело за пари или за тоа да се биде дел од линчот против него. 

Како ти изгледа денот?

Речиси цел го поминувам во ќелија. Понекогаш излегувам во инвалидска количка само за да се надишам, на пола саат. Најчесто сум во ќелија 23 часа на ден. Немам никаков човечки контакт освен со чуварите.

Не разговарате со други затвореници?

Само со чуварите. И со медицинските сестри. Тоа е моето социјализирање. Во моето крило нема дружење.

Зошто е тоа така?

Затоа што се работи за островот Рајкерс и е пекол. Беше поинаку кога бев во државен затвор. Станував наутро, ќе појадував, ќе се видев со луѓе, со пријатели. Гледавме телевизија заедно. Молев да ме вратат во државен ама јавниот обвинител кажа: „Бидејќи ви претстои судење, останувате во Рајкерс. Сакаме да ве следиме.“ Не знам каде мислат дека одам.

Дали твојата слава беше помош или пречка?

Тука во Рајкерс, ме боли што сум принуден на изолација. Опасно е за мене да бидам во близина на некој друг. Другите затвореници можат да шетаат во дворот, но секогаш кога сум таму, се чувствувам како под опсада. Вајнстин дај пари... Вајнстин дај ми го твојот адвокат... направи го ова, направи го она. Постојано ми се закануваат и ми се потсмеваат. Не би издржал долго таму.

Те има некој физички повредено?

Еднаш, додека чекав на телефон, го прашав човекот пред мене дали завршил. Ме учука во лице. Паднав на подот, крварејќи насекаде. Бев навистина лошо повреден. Полицијата ме праша кој го сторил тоа, но не можев да кажам. Не можеш да бидеш кодош. Таков е законот на џунглата.

Дали се јавуваш многу на телефон?

На секои три часа имам околу 16 до 18 минути на телефон. Тоа е мојот спас. Секој ден разговарам со три од моите деца. Другите две деца не разговарале со мене шест години. Разговарам и со моите адвокати и со неколку пријатели. Тоа е единственото нешто што ме држи здрав.

Што знаат твоите помлади деца за твојата ситуација? Што им кажуваш како си стигнал до тука?

Знаат сè. Доволно се возрасни за да пребаруваат на Гугл. Им реков дека никогаш сексуално не сум нападнал никого и ми веруваат. 

На судењето постојано ве фотографираа со книги под мишка. Како ги набавувате?

Ги нарачувам на Амазон, ми ги испраќаат преку ФедЕкс. Понекогаш по неколку на ден. Отсекогаш сум сакал да читам, а овде и онака нема многу друго што да се прави.

Некои посебни видови книги што ве привлекуваат?

Кога бев на судење во Лос Анџелес, ја прочитав целата лектира за средно училиште. „Збогум на оружјето“. „За кого бијат камбаните“. „Гетсби“.... Не ги прочитав кога требаше, на 17 години а читајќи ги на 73 години, во ќелија - звучат поинаку. Во Рајкерс читам мемоари.

Дали е дозволено да гледате филмови?

Сите имаме таблет што пушта филмови. 4,95 долари за гледање. Најчесто големи, мејнстрим хитови, ништо арт. Повремено некој мал филм ќе се поткрадне од никаде и ќе ме израдува. Само што го гледав „Баладата за островот Волис“ - Кери Малиган го продуцираше - и тоа е најпрекрасниот филм. Жалам што не бев во можност да го дистрибуирам. Пуштаат и мои филмови од време на време. Пред некој ден се појави „Добриот Вил Хантинг“. Не го имам гледано  25 години. Одличен филм.

Дали луѓето овде разговараат со вас за вашите филмови? Дали ви предлагаат сценарија?

Не баш. Им се зборува само за Квентин Тарантино. Не е баш тоа публика за „Вљубениот Шекспир“. Добивам сценарија, но најчесто од студенти по пошта. Сакаат да знаат што мислам за нивните идеи.

Што им кажувате? Дали им испраќате забелешки?

Не баш. Не. Обично не се многу добри, но се обидувам да звучам  охрабрувачки. Им велам да работат малку повеќе.

Знам дека ангажиравте затворски консултант пред да одите во затвор. Кој е најдобриот совет што ви го даде?

Не беше едно нешто. Тој ми помогна да се снајдам во овој систем. Сите неизговорени мали правила, што треба и што не треба да се прави и на што треба да се внимава. Но, ми го спаси животот. Кога лани се разболев, се смрзнував до смрт во ќелијата. А нема лекар овде. Му се јавив, го молев да помогне. Се јави и утредента имав операција на срце. Еден ден подоцна ќе ме немаше. Имам рак на коски. Умирам овде. А идејата на јавниот обвинител веројатно е да умрам во затвор. 

Ве загрижува ли можноста да умрете тука?

Ме плаши до смрт. Студено и бездушно. Неверојатно е што имав живот каков што имав и работи што ги направив за општеството, а да не попуштат и да ме третираат пољубезно. Што и да мислат дека сум направил лошо во мојот живот, не сум осуден на смртна казна. Во март ќе полнам 74 години. Не сакам да умрам тука.

Денес светот е фиксиран на приказната за Џефри Епстин. Го познававте?

Не. Можеби го имам сретнато еднаш или двапати. Не се движеше во моите кругови. Во секој случај не бевме пријатели.

Последниот пат кога приказна како онаа на Епстин привлече толку големо глобално внимание беше кога вие бевте уапсени. Знам дека чувствувате неправедно обвинети и дека се жалевте на медиумски лов на вештерки. Дали мислите дека и тој би можел да биде невин?

Не. Го знам само она што го  читам во весниците а немам многу доверба ни во медиумите ни во обвинителите. Но, злосторствата за кои е обвинет се навистина ужасни. Тие воопшто не се како моите.

Ајде да зборуваме за вашите. Десетици и десетици жени раскажуваат варијација на истата основна приказна. Сте ги следеле до нивните хотелски соби, сте ги затворале во вашата, сте ги принудувале на секс, сте се разбеснувале кога ќе ве одбиле. Вие тврдите дека ништо од ова не е вистина. Но, што ја објаснува униформноста на сите овие искази? Зошто мислите дека сите овие луѓе се толку спремни да лажат за вас?

Од многу причини. Но, главно заради парите. Една жена доби половина милион долари, друга исто така 500.000 долари, трета доби три милиони долари. Сè што требаше да направи некоја за да си замине со чек беше да пополни формулар во кој пишуваше дека сексуално сум ја  нападнал. Осигурителната компанија исплати десетици милиони долари. И Дизни исто така - тие не сакаа јавна битка, само платија за да си одат.

Сепак, некои од оние кои ве обвинуваат - како Гвинет Палтроу - ви беа блиски пријатели, други работеа со вас со години и никој од нив не зеде ни цент. Дали сите се во тоа за пари? Дали дел од вас признава дека сте им згрешиле?

Дали им се додворував безуспешно на некои од овие жени? Дали претерував? Да. Дали бев наметлив? Да. Никогаш не требаше да излегувам со луѓето со кои излегував. Бев во брак со фантастична жена која немаше поим што правам. Лажев цело време. Го користев мојот персонал за да ги скријам овие работи. Но, дали некогаш сексуално сум нападнал жена? Не. Никогаш.

Колку сте платиле во спогодби откако ова започна?

Не платив јас за повеќето од овие спогодби. Дизни плати. Осигурителната компанија плати. Но, пред сето ова, јас лично потрошив неколку стотици илјади долари во спогодби.

Ги теравте луѓето да потпишуваат строги договори и потрошивте многу пари за да ги замолчите. Не е ли тоа индикација за вина?

Да, но она што го правев погрешно не беше сексуален напад. Ја изневерував мојата сопруга и очајнички сакав да ги скријам тие тајни од неа.

Спомнавте дека вашиот персонал помогна да ве покријат. Некои од нив беа млади жени. Немаат ли тие некаква одговорност? 

Не. Само едно лице е виновно. Јас. Тие беа толку среќни што беа во компанијата Вајнстин или Мирамакс - да бидат во центарот и врвот на индустријата - што беа спремни да лажат за мене. И јас ги терав да лажат. Мојот персонал беше одличен. Лажеа како шампиони. Но, јас стоев зад тоа. Сè е до мене. Сепак, ќе кажам дека кога некој ќе ве покани во неговата хотелска соба среде ноќ, знаете што е на агендата.

Сакате да кажете дека сите што дошле знаеле дека ќе бидат дрпани и бркани по соба?

Не. Многумина доаѓаа да ме видат. Но, имаше жени кои точно знаеја што се очекува. Можеби подоцна се чувствуваа лошо или се покајаа. Можеби видоа можност за исплата. Но, не сите беа толку наивни колку што сакаа да се преправаат. 

Некои беа на 20 години, вие бевте светски познат могул. Дали ја признавате нерамнотежата на моќ во тие случаи?

Да, имаше нерамнотежа на моќ. Знам дека можам да бидам страшен и тежок, но тоа е далеку од сексуален напад. Прекумерно флертување, лошо и глупаво однесување, да. Но, физичка присила никогаш. Бев и на детектор на лаги за да го докажам тоа.

Розана Аркет, Гвинет Палтроу, Анџелина Џоли - тие претеруваа. Сакаа да бидат дел од клубот. И ме уништија.

Тоа е зачудувачка изјава за жени кои немаат што да добијат. Но, тие не се единствените. Питер Џексон тврди дека сте му рекле да не работи со Ешли Џад и Мира Сорвино.

Питер Џексон е најлошиот. Ако каже уште една лага за мене, ќе го тужам и него.

Рековте дека сакавте да сведочите на вашето судење, но бевте разубедени. Дали се каете за тоа?

Да. Ќе можев да ѝ објаснам на поротата. Овие луѓе беа мои пријатели. Не испраќате меил некому велејќи му „Те сакам“ и „Ми недостигаш“ и „Дојди да ме видиш“ откако сте биле сексуално нападнати. Сите тие точки беа изнесени на судењето и не ја трогнаа поротата. Бидејќи обвинителот донесе психолог - платен 750 долари на час - кој сведочеше дека жртвите понекогаш остануваат приврзани за нивните злоставувачи. Ние не го побивавме тоа. Требаше да го побиеме. И јас бев тој што требаше да го направи тоа, бидејќи никој не ја знаеше вистината за овие врски подобро од мене.

Колку пари потрошивте за вашата одбрана?

Милиони и милиони и милиони.

Дали се секирате дека ќе останете без пари?

Тоа ме држи буден ноќе. Имав имот и други приходи, но не се неограничени. Дизни ми го прекина осигурувањето. Знаете ли колку заработував за таа компанија? Милијарди и милијарди. Знаете ли колку е мојата пензија од Дизни? 60.000 долари годишно. Мојата поранешна сопруга Ева зема половина од тоа.

Од многуте жени кои зборуваа против тебе, Гвинет Палтроу те вознемири особено. Зошто?

Затоа што ми беше добра пријателка. Не знам што ја натера да го направи тоа што го направи. Да направи толку голема работа за ништо. Излегов од состанок со неа и реков: „Што викаш за масажа?“ Ми рече дека нејќе, ја сфатив пораката. Рака немам ставено на неа. Му кажала на Бред Пит. Тој дојде кај мене и ми рече: „Немој да правиш такви работи со девојка ми“. Му реков: „Не грижи се, Бред. Сфатив.“ Но, потоа Гвинет отиде кај Хауард Стерн и „Њујорк тајмс“ и направи голема работа околу сето тоа. Таа знае дека ништо се нема случено.  Личноста која ми беше пријателка, која ми ја должи својата кариера, едноставно ми забоде нож во грб. Сакаше да биде дел од толпата. Нема да ѝ простам за тоа. 

Маер Рошан за Холивуд репортер

13 март 2026 - 14:06