Директорот на Тесла и СпејсИкс, чие богатство според најновата листа на Форбс достигна 839 милијарди долари, неодамна со хипотека зел кредит од 61 милион долари од банката „Морган Стенли“ за да купи пет имоти во Калифорнија.
Ова изненадува многу луѓе, но всушност е доста вообичаено за богаташите да земаат хипотеки, иако може да напишат чек, изјави Иван Харлоу, агент за недвижности во Maui Elite Property.
Колку и да звучи чудно, повеќето милијардери немаат при рака многу ликвидни пари. Поголемиот дел од богатството им е поврзан со инвестиции, акции и обврзници. Земањето кредити им е ефикасна стратегија да не врзуваат готовина и им нуди многу други финансиски предности.
Ултрабогаташите повеќе сакаат да ги врзат парите во инвестиции и бизниси, дури и во уметнички дела, отколку во недвижен имот, објаснува Милтијадис Кастанис, директор за продажба во британската компанија Compass.

Позајмувањето во ерата на ниски каматни стапки во 2010-тите беше особено привлечно за богаташите. Директорот на Мета, Марк Закерберг, во 2012 година го рефинансирал кредитот за неговата палата од 6 милиони долари во Пало Алто. Постигнал договор за прилагодлива каматна стапка од 1,05%. Со толку ниска камата, хипотеката практично не го чинела ништо, па едноставно избегнал да зароби свои пари во времето кога имаше „само“ 15,6 милијарди долари. Сега има 218,9 милијарди.
Кога има висока инфлација, вредноста на парите се губи со текот на времето. Поради тоа поволно е да се позајмуваат пари сега и да се враќаат подоцна, објаснува Илај Робинсон, директор на хипотекарна брокерска куќа.
Предност на позајмувањето е и тоа што хипотекарните кредити до 750.000 долари се ослободени од данок. За повисоки суми, ослободувањето може да се наштима во деталите во пријавите.
Кредитирањето „врз основа на хартии од вредност“ исто така им овозможува на богатите да извлекуваат пари од своите акции без да ги продаваат, со што не плаќаат данок на капитална добивка. Тактиката „купи, позајми, умри“, како што ја опишуваат финансиските експерти, функционира и со заложување на уметнички слики и други вредности.
******
Види и: Како ултрабогатите ќаруваат милијарди со уметнички дела?