Дебелото досие за Епстин содржи документи што откриваат како неговите клиенти од високите кругови користеле финансиски мрежи и неконвенционални средства за да добијат пристап до големи суми капитал.
Типичен пример е милијардерот Леон Блек, коосновач на Аполо Глобал Менаџмент. Во 2015 година зел заем од 484 милиони долари од Банката на Америка, нудејќи ја како гаранција својата приватна колекција уметнички дела од Пикасо, Сезан, Матис и Џакомети.
Голем дел од своето богатство проценето на 13,6 милијарди долари, Блек го создал со својата уметничка колекција. Документи од објавениот пакет покажуваат дека Блек му платил на Епстин близу 170 милиони долари во период од шест години за финансиски и даночни совети.
Приватните банки обично прифаќаат во залог уметнички дела врз основа на коефициент на позајмената сума и вредноста на делото. За слики, коефициентите обично достигнуваат околу 50%, што значи дека лицата може да добијат на заем пари колку што е една половина од проценетата вредност на колекцијата. За недвижностите коефициентот е повисок и сумата достигнува и до 80%.

Според документот „Инвентар на уметничко партнерство“ од досието Епстин, субјекти поврзани со Блек до 2014 година имале дадено во залог уметнички дела во вредност од околу 1 милијарда долари. До 2017 година, таа сума пораснала на околу 1,4 милијарди. Блек имал повеќе од 600 милиони долари во неплатени кредити.
Ревизија од 2021 година не пронашла докази за злоупотреба од страна на Блек, иако било утврдено дека Епстин имал влијание врз управувањето со уметничката колекција. Тоа било доволно Блек да поднесе оставка од функцијата директор на Аполо и да се повлече од позицијата претседател на одборот на доверители на Музејот на модерна уметност.
Ваквите задолжувања се вообичаени за ултрабогатите. Тоа ја одразува стратегија „купи, позајми, умри“: лицата купуваат вредности (акции, имоти, уметнички дела или скапи вина), и не ги продаваат за да не бидат оданочени, туку ги заложуваат за да добијат кредити од банки. Додека се под залог вредноста им се зголемува и сопствениците ги чуваат под хипотека додека се живи.
Можете да монетизирате средство кое инаку не генерира приход, објаснува финансиерот Адам Чин.
Заемот на Блек имал ниска каматна стапка од 1,43%. За споредба, хипотекарните кредити имаат каматни стапки до 7% или 8% Ако решил да ги продава уметничките дела што ги заложил, ќе требало да плати комбинирана федерална даночна стапка од 31,8%.
Глобалниот пазар за заеми обезбедени со уметнички дела се проценува на 33 до 40 милијарди долари и се очекува да надмине 50 милијарди долари до 2028 година, според извештај на Deloitte и ArtTactic.