Развојот на ВИ отвори златно доба за мајсторите

Умот царува, ама не поврзува кабли, не мести цевки ниту монтира системи за ладење. За тоа е потребна искусна рака. Технолошките гиганти се во трка за квалификувани занаетчии, кои ги нема доволно на пазарот на труд, за разлика од програмерите и инженерите. Мораат брзо да обучат стотици илјади мајстори, кои може да се надеваат на плата и до 200.000 долари годишно.

Блекрок, најголемиот светски менаџер на средства, објави дека вложува 100 милиони долари за обука на водоинсталатери, електричари и техничари за греење, вентилација и климатизација, кои ги нема доволно на пазарот. Преку непрофитни организации и партнери низ повеќе сојузни држави има план да обучи 50.000 квалификувани работници во следните пет години.

Побарувачката расте побрзо од понудата. Повеќето мајстори се приближуваат кон возраст за пензија, а нема кој да ги замени, бидејќи помладите генерации се насочија кон професиите што носат повеќе пари со помалку физичка работа – информатиката, финансиите и услугите. 

Низ историјата занаетчиите биле тие што ја граделе нашата земја. На Америка до 2033 година ѝ се потребни околу 10.000 милијарди долари инвестиции за модернизација на застарените системи и изградба на нова енергетска и дигитална инфраструктура и вештачка интелигенција. Само капиталот не е доволен. Луѓето се централни за градење на иднината на нашата нација, изјави директорот Лари Финк.

Занаетчиските работи поврзани со електриката сочинуваат 45% до 70% од вкупните трошоци за изградба на центри за податоци. За да се задоволи огромната побарувачка, во текот на следната деценија ќе бидат потребни повеќе од 300.000 нови електричари. Во истиот период се очекува во пензија да заминат над 200.000 електричари.

По завршувањето на обуката, квалификуваните електричари би можеле веднаш да најдат вработување со ангажман за плата од над 100.000 долари годишно. Кај синдикатот во Вашингтон, каде што е најголемата концентрација на центри за податоци во светот, минималната надница на чираците е 26 долари на час. По петгодишен стаж како чираци, електричарите-калфи заработуваат по речиси 60 долари на час, или повеќе од 120.000 долари годишно, плус бенефиции како здравствено осигурување и пензии. Со прекувремени часови или надзорни улоги, годишната заработка може да се приближи до 200.000 долари.

Микрософт и Гугл лани предупредија дека недостигот на мајстори електричари е „најголемиот предизвик за проширување на центрите за податоци во САД“. 

Не ви е потребен докторат по компјутерски науки за да учествувате во технолошката трансформација. За изградба на ‘рбетот на вештачката интелигенција, за фабриките за чипови и центрите за податоци, има потреба од електричари, водоинсталатери, монтери на цевки, заварувачи и мрежни техничари. Ова се добро платени работни места, порача пред една недела Јенсен Хуанг, директорот на Нвидија.

13 март 2026 - 14:20