Британскиот Дом на лордовите ги отфрли приговорите на законот усвоен од Долниот дом со кој се отстрануваат десетици војводи, ерлови и виконти, кои со своите титули наследија и места во Парламентот.
Нашиот парламент треба да биде место каде што се препознаваат талентите и заслугите, а не галерија каде што титулите, некогаш доделени пред векови, имаат моќ над волјата на народот, изјави владиниот министер Ник Томас-Симондс.
Домот на лордовите имал важна улога во парламентарната демократија на Британија. Членовите, кои не се избрани, имаат надзор врз законите усвоени од Долниот дом, чиј состав се менува на парламентарни избори секои пет години.
Критичари долго време тврдеа дека Домот на лордовите станал гломазен и повеќе нема демократска функција. Со повеќе од 800 члена сега е вториот најголем законодавен дом во светот по Народниот конгрес на Кина.

Во поголемиот дел од својата 700-годишна историја, членството било составено од благородници - речиси никогаш жени - кои ги наследиле своите титули, како и мал број епископи. Од 1950-тите почнаа да им се придружуваат доживотни перови - пензионирани политичари, граѓански лидери и други значајни личности назначени од владата. Тие сега го сочинуваат огромното мнозинство.
Во 1999 година, лабуристичката влада на тогашниот премиер Тони Блер им ги одзеде мандатите на повеќето од 750-те наследници на титули. Привремено беа задржани 92-ца за да се избегне бунт на аристократите. Лордовите продолжија да се борат за својот статус и бараа барем некои да останат во домот.
Но, случајот на Питер Менделсон, кој во февруари поднесе оставка поради врските со сексуалниот престапник Џефри Епстин, им помогна на лабуристите на премиерот Кир Стармер да ги отстранат и последните остатоци од аристократијата.
Законот ќе стапи во сила кога Чарлс Трети ќе даде кралска согласност, што се смета за формалност. Лордовите и баронесите ќе треба да ги напуштат местата на пролетната седница на Парламентот.
Значи, стасавме до крајот на седум векови служба во Парламентот. Илјадници благородници подобрија илјадници закони. На многумина од тие луѓе не им беше тука местото, но најголемиот дел верно и добро ѝ служеа на својата нација, изјави Николас Тру, лидер на конзервативната група во Домот на лордовите.