Колку и понекогаш да е вознемирувачко кога се работи за вас самите, чувството дека можете да си го лоцирате партнерот, детето или шефот, е утешно и го зголемува чувството на заедништво. И обратно, фактот дека некој и во ова дигитално доба не може да биде пронајден, создава несигурност, како да има некаков дефект во Матриксот.
Покрај толку развиени алгоритми, таблици и монитори - системи за кои веруваме дека не прават грешки, или барем не толку големи грешки - отсуството на цел авион луѓе создава грижа која е многу поголема од секирање за некои-си-таму патници на малезиска авио-компанија и нивните семејства. Обемот на покривање на настанот и секојдневните муабети на оваа тема покажуваат дека тука се случува некаков психо-социјален феномен. Нешто од таа безбедна „заедност" која препотставуваме дека ни ја овозможува техологијата, одеднаш е разнишана.
Така, патниците стануваат апстракција: црна дупка од информации во која се слеваат милиони веројатни географски координати и милион можни судбини. Тоа е ѕид од податоци кој расте сè повисок и повисок со секое ново истражување, сè до моментот кога ќе мора да признаеме дека едноставно - не знаеме што се случило. Патниците, како некои Шредингерови мачки, населуваат маглива територија помеѓу животот и смртта, територија која повеќе личи на фикција отколку на реалност. Исчезнатите будат толку голем интерес затоа што отелотворуваат сè што е спротивно на нашето разбирање на светот - тие се тука, а не постојат.
Материјата, како што не учат на школо, е нешто што не може да испари туку-така од лицето на земјата. А токму тоа се случува во моментов. Исчезнатите полека се селат во легендите.