Претседателот Доналд Трамп и ирачкиот премиер Али ал-Заиди официјално соопштија дека последните американски војници ќе заминат од блискоисточната земја на 30 септември. САД сега имаат мал број офицери во Ирак, претежно канцелариски персонал.
Почнуваме сеопфатен однос во кој не ни е потребна војска. Таму сме за да им помогнеме и да ги заштитиме ако затреба, но не веруваме дека тоа ќе биде неопходно, изјави Трамп.
Тој додаде дека САД ги продлабочуваат односите со Ирак преку бизнисот и нафтените компании.
Пентагон истакна дека повлекувањето е согласно договорот од 2024 година за завршување на заедничката мисија против групата Исламска држава. САД постепено го префрлија товарот за борбата врз ирачките владини трупи, кои ги обучија и ги опремија.

Американците извршија инвазија врз Ирак во март 2003 година, по масовно бомбардирање кое отвори пат за копнените трупи да стигнат до Багдад речиси без никаков отпор. Како повод за интервенцијата послужија тврдењата дека Садам Хусеин тајно складирал оружје за масовно уништување. Иако тогашниот државен секретар Колин Пауел како „крунски доказ“ донесе ампула со антракс пред Советот за безбедност на ОН, таквото оружје на Садам никогаш не беше пронајдено.
Тоа го призна претседателот Џорџ дуплове Буш, неколку години откако ја нареди интервенцијата. Обединетите нации ја прогласија инвазијата за кршење на меѓународното право. Независна британска истрага во 2016 година утврди дека немало оправдание за војна, затоа што не биле целосно исцрпени алтернативните дипломатски алтернативи за надминување на спорот.

На теренот, Садам беше фатен и обесен по судење по кратка постапка. До 2011 година загинаа близу половина милион луѓе (од 150.000 па до 1 милион, во зависност од изворите), претежно во општиот бунт против американската окупација и во пресметките помеѓу шиитски и сунитски милиции.
Американското воено присуство достигна максимум од над 170.000 војници во 2007 година. Администрацијата на Барак Обама договори повлекување на силите и во декември 2011 година ги повлече и последните борбени единици, задржувајќи командни офицери и маринци задолжени за обезбедување на амбасадата.
Но, САД се вратија со војска по создавањето и подемот на групата Исламска држава, како директна последица на американската окупација. ИСИС зазеде голема територија, стигна до прагот на Багдад и ја прошири војната во Сирија. Џихадистичката група во 2021 година беше прогласена за поразена.