Како да се преживее како соло музичар?

Сериозни истражувања покажуваат дека свирењето во група е еден од најдобрите начини да се остане подолго и на нозе и на сцена. Тогаш во што е тајната на Леонард Коен, Боб Дилан или Дејвид Боуви?

Неодамнешна студија на животите на 1.489 поп и рок ѕвезди покажува дека бендовите чуваат живот. Во период од 50 години, соло изведувачите имаат двојно поголеми шанси да умрат отколку оние кои свират во група. Иако бендовите знаат да бидат ужасно напорни а атмосферата во нив крајно конфликтна (Аеросмит, Стоунси, Калт, Оезис....), групата помага да се поднесе товарот на славата.

Членувањето во група го намалува стресот и изолацијата и е одбранбен фронт меѓу поединецот и оние кои сакаат парче од него: фановите, публиката, бескрупулозните медиуми, лакомите менаџери или продуцентски куќи, хејтерите....

Соло музичарите ја немаат таа привилегија. Тие се препуштени сами на себе во морето ајкули и пирани. Ејми Вајнхаус и Витни Хјустон се скршија под тој товар. На истиот пат беше и Ентони Кидис од Ред Хот, ама затоа тука беа другарите: прво отрезнувачки го исфрлија од групата заради неговите проблеми со дрогите а потоа му помагаа во рехабилитацијата.

Бендот ти овозможува да го одвоиш својот јавен лик од она што си приватно. На јавноста им ги даваш Nine Inch Nails а за себе си остануваш Трент Резнор. Или си Чарли Вотс, фамилијарен човек кој е дел од развратна формација како Стоунси.

Сепак, светот за среќа се уште има и осамени волци од типот на Леонард Коен, Пати Смит, Боб Дилан или Дејвид Боуви. Поглед во нивните кариери дава увид во тоа што е тајната на нивната долготрајност:

ЗЕМИ ПАУЗА

Коен мина 5 години во будистички манастир. Дилан ја искористи мотоциклистичката сообраќајка во 1966-та за да се повлече од турнеи на 8 години и да направи 4 деца. Пети Смит се повлече во селендра покрај Детроит. Боуви се стиша уште во 2004-та, оставајќи ги сите да помислат дека е пензиониран.

Паузата дава време да бидеш со блиските. Со оние кои не те сакаат само затоа што си популарен. Паузата ти дава и можност да се почувствуваш независен и да се ослободиш од публиката. На Њупорк фолк фестивалот, Дилан и беше претставен на публиката со следниве зборови: "Тука е со нас, човекот кого сите го знаете, земете го, ваш е!" По ваквата најава Дилан излезе на бината и рече: "Ебете се, не сум ваш!" и почна со концертот.

УПРОПАСТИ ИМ ГИ ОЧЕКУВАЊАТА

На публиката не и се дава она што таа го сака. Оваа тактика е слична на првата, на прекрасната можност на светот да му порачаш да те олабави. Боуви со ненајавениот сингл разочара многумина кои се прашуваат зошто не одбрал некоја појака песна за својот камбек. А веројатно намерно одбрал токму таква песна, која нема да го задоволи гладот по него. Желбата да се задоволат барањата на публиката и потребата секогаш да се добие признание и одобрување е сигурен пат да се заврши во разочараност.

ИМАЈ РЕЗЕРВЕН ПЛАН

Леонард Коен пишува поезија. Дејвид Боуви постојано црта. Пети Смит прави изложби на фотографии. Дилан има договор за шест книги па се занимава со нив.

Не го прават тие тоа за пари. Нивните хобија никогаш нема да ја компензираат славата и парите од она поради кое се славни и богати ин д фрст плејс. Психолозите велат дека занимавањето со "нешто друго" е многу потребно заради комплексноста на својот идентитет: да не се биде еднодимензионален и да се има нешто кое те прави да се чувствуваш добро во врска со себе.

Сите овие "цаки" им помагаат на познатите уметници да се ослободат од притисокот кој ги можел да си сомеле. Се вооружуваш со мрежа на семејство и блиски пријатели, си наоѓаш занимација која те прави исполнет, на фановите им порачуваш да не те чекаат и одеднаш - ги имаш сите потребни услови да создаваш добра музика.

16 февруари 2013 - 10:59