Критика кон една залудно потрошена младост

Кочо Анѓушев и повластените тарифи за фотоволтаични централи

Е тоа е тоа што ужасно ме нервира: твојата сопствена влада ќе направи сè за да те дисквалификува како потенцијален инвеститор во корист на крупниот бизнис, а ти ќе направиш сè за да ги заобиколиш правилата и некако ако може, колку се може, да извадиш некој ќар од ситуацијата. Да се профилираш како играч, а не како раја. Далеку сме ние од нормален свет, мои драги браќа и сестри Македонци.

https://mia.mk/2019/03/vladata-e-finansira-200-megavati-fotovoltaichni-elektrani/

Основата за овој текст е веста која беше објавена, поточно гласно раструбена, низ сите постоечки медиуми во Македонија, субвенционирани или електронски.

Интервјуа, тв-панели, агенциски вести, се во смисол и слава на мудроста на нашиот заменик премиер, министер за енергетика, трговија и слични дејности во владата на северна Македонија, професорот и доктор (академик?) проф-др. Кочо... Анѓушев!

Воглавно, ако некако сте ја промашиле веста, и тоа исклучиво ако сте биле во кома или некако вон допир со цивилизација, пошто инаку немаше да можете да ја промашите, се работи за следново: Кочо смислил како Македонија да инсталира 200 МW (машала!) фотоволтаици на неколку (сега за сега: две) локации низ Републиката од кои вие ќе може да си купите парче и да си штампате струја, сè друго Кочо ќе го регулира. Објавените локации се некаде во поширокиот регион на: бр. 1 Свети Николе и бр. 2 во Македонски Брод, преведено на обичен јазик: во Пичковец и во Тролоо, за каде што се потребни две работи да откриете каде се за да ги посетите: Професионална GPS опрема со јак сигнал за да ги најдете и магаре, за да успеете да некако стигнете до таму.

Зошто Кочо го прави ова:

Па, всушност е просто: Пошто сме запнале да се приклучуваме кон Европска Унија. Во истата таа унија, (или „сојуз“ на источен дијалект), постојат т.н. „таргети“, кои за нас обичните граѓани се преведуваат како „цели“ за замена на производство на струја од фосилни со обновливи извори. Сите кои живееме овде знаеме по нешто за тоа, не мислам за струјата туку за чурењето. Сите сме доволно информирани (не велам образувани), дека ако сакаш да имаш струја, да се загрееш во зима, да отидеш негде или едноставно да ручаш, некаде мора да чури. Во Скопје, Тетово, Бомбај, Делхи, Пекинг и Калкута знаеме дека ако многу чури, тоа уствари е штетно и се умира од тоа: доктори би знаеле колку и како. Истото го знаат и овие од ЕУ, па од секирација за сопствените граѓани утврдиле дека секоја држава мора до еди-кој-си-датум да замени 25% од сопственото производство на струја со такво кое не чури. Нам Македонците, како еден од најстарите и најмудри библиски народи тоа во старт ни е нешто сумљиво, пошто страшно се коси со традициите на нашиот живот и тоа со далекосежни последици – сите ја знаеме онаа старата „Кај ја најде бе оваа, од оваа оџак не чури“ што понатаму значи дека со влез во ЕУ под вакви услови, може да ни се растури самото ткиво на светата македонска заедница – бракот, и тоа баш таквиот меѓу машко и женско. Меѓутоа: ваква технологија навистина постои и клетите западњаци наголемо ја употребуваат во веројатно нешто што е последен обид да се спаси она што е останато од планетата и целокупниот климатски систем, иако постојат мислења дека сè ова е непоправливо заебано и - ни нема спас. При развој на оваа технологија, клетиот запад направил превид кон македонските традиционални вредности и размислувања околу улогата на оџакот, па сосема безобразно се обидува да ни ги наметне своите вредности без да ги земе во обѕир нашите „обџекшни“ со сосема глуп изговор дека ние сакаме да се приклучиме кон нив а не тие кон нас. На истава тема се случувале и многу поголеми бељи, ама тоа сега не е тема на муабетот. Е, тука влегува Кочо: доаѓа некој од ЕУ, Кочо му вика „ја сум задужен за ова и ја ќе направам 200 мегавати“, овој вика „Добро, толку ми треба“, седи у хотел на една скара со вино и утредента пред да си оди дома, ќе прошпарта по регионов да се види со некои други слични лудаци и си заминува задоволен.

Како Кочо го прави ова:

Итарпејовски. Кочо е цел живот – трговец. И тоа со струја, а не со пипер, патлиџан или ајвар. Без разлика што се претставува како професор/доктор, целиот негов капитал и углед е стекнат со трговија, и тоа со струја. Ако некој знае како се тргува со струја, да се купи поевтино и да се продаде поскапо без никој да ти се замеша во тоа, Кочо знае. И сега од позиција на заменик премиер тоа знаење го користи, како што е ред, за општо добро на граѓаните.

Сигурни сте?

Ни јас.

Ај да видиме како овој деловен потфат се рефлектира врз обичниот Македонец: Во веста која беше објавена, се вели дека одредените локации, во тоа, како беше, Свети Николе или Брод или каде и да е, ќе бидат „разделени“ на најмалку 5 мегавати. Значи вие може да се пријавите дека на некоја кочова локација аутсајд Пичковец ќе инвестирате во 5 мегавати соларни панели, за што републиката ќе ви честита и ќе бидете промовирани во звање угледен инвеститор, и ќе добиете секаква помош и локација беспари, и т.н. и т.н.

Е сега, 5 мегавати за неупатеното граѓанство се всушност 5.000 киловати. По оптимистичка проценка од 620 евра инвестиција за инсталиран киловат, доаѓаме до сума од 3,100,000 евра, (со букви: три милиони и сто), и тоа оваа цена не вклучува бандери, трансформатори, кабли и чуда од далновод до локацијата која Кочо бог знае како ја определил, веројатно по критериум никој да не ја види каде е. Прашањето, вредно 3 милиони евра, е: Да не ви се наоѓаат случајно 3 милиони евра? Не? Ни на сметка? Ни по џебови? Аман бе?? Па кој ќе инвестира во ова??

Па, ќе инвестира некој што има 3, 6, 9, 21 или по аритметичка прогресија милиони евра, а тоа не сте вие. Која е вашата улога во ова? Ништо бе дечки, продолжете да плаќате струја. Кочо ќе наполни полиња од 200 мегавати капацитет, ќе повика „странски инвеститори“ од Белиз, Кајмански Острови, Кипар и слични места со плажи и коктели и ќе го реши проблемот. Сè додека вие плаќате струја, сè ќе биде во ред.

Ама? Нема ама. Нели треба да правиме обновливи извори? Нели имаме задача од ЕУ? Нели сакате да не чури? Па што се буните?? Така, драги мои, се бранат сопствените интереси и интересите на тесна група „свои“ луѓе, со кои низ децениските дубари сте оствариле тесни врски, братства, кумства и деловни интереси.

Да се разбереме, во старт: нема ништо лошо во носење странски инвеститори, кога ти фалат домашни. Само што странските инвеститори имаат еден заебан табиет, парите што ги заработиле да си ги однесат дома, у странство, а овде да остават само онолку колку што мора (не колку што треба, него мора – прави разлика!), а методот на привлекување странски инвестиции е секогаш ист: Па, не мора баш многу пари да оставите овде! Чим ти имаш 3 комада у евра (и понатака поможено со фактор 3), ние ќе се погрижиме да си ги вратиш парите во најкраток можен рок, а понатаму да го товариш магарето во најдолг можен рок. Цена? Ситница. Конкуренција? Која конкуренција, кога минимален влог е 3 М? За сите други сонце не грее, еве за нас грее!

Баш би сакал да ја видам структурата на вложувачите во шемата на Кочо, кои се домашни кои јабанџии, од кои држави идат и колку пати е исплакнат капиталот во Белиз-Мелиз пред да се појави во демирхисарско негде на сончање...

Него, друго ми беше зборот.

А како Кочо уствари треба го прави ова:

Па отприлика вака. Со обѕир на ноторниот факт дека странски инвеститори викаш кога нема домашни, а утре ќе се раздени за сите подеднакво, работите изгледаат вака: За прв пат во историјата постои технологија која овозможува да си произведувате струја сами дома, да дополнувате од мрежа само колку што ви фали или да враќате во мрежа кога произведувате вишоци. И таа технологија воопшто не е скапа егзотична или опасна. Историски гледано, ова е револуција во енергетиката: до скоро, енергетскиот сектор го држеа огромни фирми кои природно тежнееја да остварат монопол, и како такви беа или во државна сопственост (социјализам) или сериозно регулирани од државата (нормално општество), со цел да не забегаат со цени и политики и да ја вратат државата во 19 век ако престанат да работат. Ова е многу важна историска промена, а Кочо и неговиот оркестар (кој за разлика од Џамбо и неговиот оркестар, е сериозно непријатно да се слуша како труби), тоа тие го знаат многу добро: со една реченица кажано, секој произведен киловат-час од ваша страна е ненаплатен киловат-час од страна на традиционалните производители, со што директно им брцате во манџата. Отприлика нешто колку што е добредојдена Тесла Модел 3 на бензинска пумпа на Макпетрол. Се сетивте сега??

И сега имаме ситуација ваква: Македонија мора да произведе 200 MW од обновливи извори, а што се мора, не е тешко. Не е ни штетно, ни лошо. Ама истата работа може да ја завршат и 100 големи инвеститори и 10.000 мали, како јас и вие. Што е изборот на Кочо? Пушти ги големите напред, а закочи ја рајата, што има они да се мешаат у крупен бизнис. Иако немам некоја сериозна теоретска подлога околу општествени системи, ова мене ми личи на првобитна акумулација на капитал, наместо либерално пазарно општество какво што претендираме да бидеме, и за кое нè лажат дека сме. Не знам, поправете ме ако грешам, имаме изгледа многу пат да изодиме низ транзиционата шума, а ова вака направено ич не помага.

Земете ме, на пример, мене. Имам и знаење и експертиза, и волја и желба и заштеда од 4.000 евра кои би сакал да ги инвестирам во ваква технологија. Единствено нешто што немам е уште 3.096.000 евра, колку што е минималниот чип во кладилницата кај Кочо, што ме дисквалификува од бизнисот во демирхисарско. Јеби га, што да правам кога не сум успешен, ама еве, не очајувам, моите 4.000 евра ќе ми купат 6.4 kW опрема што ќе си ја ставам дома, на кров негде, на викендичка или во бавча, па ќе гледам како ми опаѓа сметката за струја или како ми плаќаат вишоци летно време, кога денот е долг а потребите занемарливи... и ќе го преебам системот. Може?? Не може.

Како бе не може?

Така, не може. Некој се погрижил да не може. Зошто мислите дека ја и Кочо ги знаеме истите работи, а Кочо има 20+ милиони евра а не јас или вие? Затоа што Кочо е успешен бизнисмен, професор/доктор, сега и заменик премиер и министер за економија и сенешто што ја не сум. Па учествува на состаноци на влада, па тоа креира политики, па тоа носи закони, па уредби, па... еве што уствари се десило:

Нешто што тогаш се викало ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, а денес се вика поинаку, одржало седница на 5.2.2019 година на која донесло:

ПРОГРАМА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ КОИ КОРИСТАТ ПРЕМИЈА ЗА 2019 ГОДИНА

И ја објавило во тогашен „Службен весник на Република Македонија“ бр.96/18. Истото тоа, на истиот ден, на истата седница објавено во истиот Службен весник, донесло и друг документ под наслов

УРЕДБА ЗА МЕРКИТЕ ЗА ПОДДРШКА НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА

Овие два документи се клучни за проблематиката што ние ја дискутираме во оваа критика. Всушност, таму пишува што кој може и како може, а што не може или не смее. Знам дека ќе ве мрзи да ги читате, ама јас морав: напишани се со оној сувопарен правнички јазик кој остава повеќе недоумици отколку што информира; од кај инаку онолкави барања за „автентично толкување“? Нејсе. Таму пишува сè и сешто, а од она што е важно за оваа проблематика, издвојуваме:

Во Програмата пишува дека од министерство за финансии се издвоени 30.000.000 денари за исплата на премии за повластени производители, ќе се даваат на производители кои имаат помала централа од 100 MW и дека, внимавајте ова,

Член 6: Максималниот референтен износ на фиксна премија за производство на електрична енергија во 2019 година изнесува 15€/MWh за фотонапонски електроцентрали.

Јас имам сериозни потешкотии да го разберам членов, веројатно заради инфериорноста на моето образование од техничка струка. Ваква глупост, имено, може да срочи само правник, и тоа таков што не разбира струја до степен да може да брцне два прста во штекер. Што е тоа максимален, што е референтен износ, и како тоа имаме фиксна премија која е со максимален и референтен износ? А колку е минималната премија? А во однос на што е износот референтен, со што да го споредиме?? А што ако се потрошат тие 30 милиони? (добро, знаеме: абе ти следува, ама немаме пари во буџет...) И уствари, колку бе пари мене ќе ми платат ако се квалификувам како производител? Максимално, референтно или фиксно?? Што точно се случува овде?? (Знам што се случува, ама не сакам да бидам безобразен: треба да бараме „автентично толкување“, и тоа ваљда од г. Кочо химселф уз кафе и муабет, на кој уз пат ќе договориме и некои други работи. Зошто инаку ваков документ би се напишал на свахили или урду наместо на македонски, па некој да мора да ти го толкува.)

Кој разбра, разбра. Во програмата друго ништо интересно не пишува, уствари и ништо друго не пишува осем стандардните бирократски заврзлами, датум, печат и потпис.

Другиот документ, Уредбата за мерките на поддршка, е поопширен и поинформативен.

А таму ќе најдете дека: a) уредбата е донесена со цел за поттикнување на инвестиции и б) сè друго.

И уредбата почнува да набројува што се треба да се исполни да се стекнете со статус на повластен производител. Па вели:

Вид на технологија на електроцентрала за производство на електрична енергија од обновливи извори за кои се доделуваат мерки за поддршка:

И тука се наброени сите централи на обновливи извори: хидро, ветерна, биомаса, биогас за повластена тарифа, а ветерна и фотонапонска за премија. (Член 4, Уредба)

Хм. Почнуваат проблемите. Значи, треба да разликувате повластена тарифа и премија, а ако имате ветерна централа сте квалификувани и за повластена тарифа и за премија. Добро, немаме ветерна централа, ова нас не нè засега.

И понатаму се набројуваат условите што треба да ги исполните за да се квалификувате. За повластена тарифа има наброено 8 услови, кој од кој, а за премија има 3 услови и еден дополнителен, а тоа е да ве изберат на тендер. Баш вас да ве изберат? Да бе, како не. Ама од трите основни услови за соларна централа, за нас е најинтересен третиот, кој заслужува да биде цитиран во целост, и гласи:

Фотонапонската централа...

3) не е изградена врз постоечка градба, освен врз подземна линиска инфраструктура, како што се дефинирани во Законот за градење.

Сфаќате што се бара од вас?? Да не е изградена врз постоечка градба? Да не стои на кров на зграда, куќа, шупа или што и да е под кров?? А што има на кров на постоечка градба? Ќерамиди? Разбирате дека законодавецот (уредбоносецот) има визија за Република (сега Северна) Македонија која во 21-ви век има само ќерамиди на кров?? Мислите дека ова е некаков правнички превид, глупост, грешка? Не, ова се прави само намерно. Никому не му текнало да регулира фотоволтаици во подрум на постоечка градба, туку врз постоечка граба, за да не се сетите дека на кровот на вашиот објект стварно може да ставите фотоволтаици, тоа стварно не кошта многу, и стварно да почнете да ги тупите македонските власти стварно да ви плаќаат премија, повластена тарифа, максимален референтен износ или какви и да сè глупости се изнапишани во документите донесени на еди-која-си седница на некој датум.

Просто е, дисквалификувани сте.

Понатаму нема никаква смисла да се чита уредбата, се занимава со некои тарифи- пресметки-калкулации-методологии и разно-разни тупачења за луѓе кои и инаку немаат попаметна работа, дисквалификувани сте, седете со ќерамида (скопски: цреп) врз постоечката градба и плаќајте струја, знаете веќе на кого.

Седиме со колегите и ја дискутираме проблематикава. Сите бели ко крпи во лицата, се чудиме што е и како е, на кого што му текнало и кој каде заебал, и на трета ракија почнува онаа старата македонска итар-пејовштина, значи ај сега ние нив да ги заебеме, оваа спирала на глуп-и-поглуп која влече само надолу. Па еден вика „Абе ништо не пишува за нов објект туку само за постоечки, па да изградиме зграда врз која ќе има фотоволтаици и да ги продадеме становите“, друг вика „Абе не смее врз зграда ама ништо не вика за во двор“ на што добива одговор „Абе имаш канализација во дворот што е всушност Подземна линиска инфра-структура низ која течат гомна“ и така натаму и така натаму...

Е тоа е тоа што ужасно ме нервира: твојата сопствена влада ќе направи сè за да те дисквалификува како потенцијален инвеститор во корист на крупниот бизнис, а ти ќе направиш сè за да ги заобиколиш правилата и некако ако може, колку се може да извадиш некој ќар од ситуацијата. Да се профилираш како играч, а не како раја. Далеку сме ние од нормален свет, мои драги браќа и сестри Македонци.

Кој имал пари, пак ќе има.

И сеа? Е шо и сеа? Владата повикува мултинационален (хахаха, исплакнат) капитал за нешто што може да го добие дома, да го разбие по малце на многу луѓе и сите да видат „бенефит“ од работава, по нашки аир. Ама не, тоа лошо стои во владините книги за привлекување странски инвестиции: тоа што профитот од истата таа инвестиција „странците“ ќе си го однесат дома од кај што дошле, овде никого не го засега. Добро стои во книга како цифра, и тоа е тоа. Плус една шака домашни милионери, како Кочо со 20+, ќе влетаат во оваа акција и ќе си го оплодат капиталот, некаде во светиниколско, далеку од очите на јавноста, без никој да ги лае. Во бизнис жаргонот ова се нарекува „чиста работа“.

Бараме инвестиција од 3 милиони евра? Логично е да ја дадеме на еден „странец“, кој ќе запише странска инвестиција од 3 милиони евра, ќе се сечат ленти, ќе се јадат ручеци, ќе се слават успеси, наместо истата таа инвестиција да се обезбеди од 600 граѓани со поединечна инвестиција од 5.000 евра кои ќе видат реален, мерлив и убав ќар од тоа, башка ќе се чувствуваат горди дека придонесуваат кон намалување на загадувањето. Ама, тоа не е фенси, нели, а и не е за фалење.

Сценарио „Кој го ебе Кочо“

Стварно, кој го ебе Кочо? Рековме, јас знам и можам, имам и желба а и другарчиња кои имаат пари и можеме да основаме фирма и да вложиме некои 50 до 70.000 евра, заеби Кочо и тарифи и премии, заеби субвенции и глупости, по тековната цена на струја можеме да инвестираме без никој да ти плаќа-доплаќа, одиме сами. И се договоривме. Одиме? Одиме! Најдовме некоја вукојебина на патот за Нов Дојран, блиску до патот, некој камењар од господ заборавен на кој не расте ништо, и оп, види: коа те сака те сака, и со убав наклон од 12 степени кон чист југ, скоро идеална положба за фотоволтаици - не треба да ги креваме многу, блиску до патот – значи не треба пристапен пат, се оди со кола дури, бандери со струја има до самиот пат, бинго! Се погоди работата! Гледаме во катастар – државно земјиште! И го пуштаме најискусниот меѓу нас, адвокат иначе, свашта видел, да оди кај градоначалникот на Дојран да го земе камењарот под концесија. Чист саспенс, пеперутки во стомакот.

Се јавува човеков, вика -Се согласи градоначалникот на 30 години, нема проблем. Ние - кома! -Колку пари, викаме? Адвокатов вика: -Ќе се јави за некој ден, ќе треба да пресмета колку комуналии да платиме. –Што да платиме? -Комуналии. За да го трансформираме од земјоделско во градежно земјиште. -Зошто бе да го трансформираме? Овој вика: -Не знам. Таков бил законот. –Па добро, бе мајсторе, ако више плаќаме комуналии за трансформација на камењар, зошто да не дигнеме хотел на 8 ката? –Добро бе, улави ли сте вие? Па кој ќе ти дојде у хотел на 15 километри од Дојран у сред камењар??

И погодувате, се растури работава, нема математика со комуналии. Наравоучение: ако сакаш да инвестираш во фотоволтаици сам, треба да платиш комуналии за трансформација на земјиште. Без разлика што ништо не му правиш на земјиштето, евентуално буташ колци во земја да ги исправиш панелите под правилен агол, и ако монтажа на тоа трае една недела, демонтажа трае 2 дена, без никаква трајна штета да му направиш на земјиштето, башка и ќе го одмориш од садење. Ама како што гледате, државата си ја знае работата. Се погрижила баш за сè што е потребно, за камењарот да остане камењар, на крововите да стојат ќерамиди, а Кочо и неговите да лапаат „референтни премии“ по „повластени тарифи“ и да ги уживаат бенефитите како странски инвеститори и луѓе кои знаат да прават пари. А Кочо, повторно итарпејовски, никаде не кажува дали и колку ќе плати комуналии за трансформација на „неговото“ државно земјиште, пошто нели е негово; он е министер, не јас.

А сега сериозно:

200 мега фотоволтаици се сериозно големо парче за Македонија, по било кој основ. За споредба, еден блок во РЕК Битола има моќ од 210 мегавати, а Битола има 3 такви. Пошто електро-енергетскиот систем на Македонија не е проектиран како таков, туку е наследен од Југославија, на моменти од Битола доаѓа и 90% од произведената струја во даден момент. Е сега струја, за разлика од било кој друг производ, има една незаобиколна карактеристика: се троши во истиот момент во кој е произведена. Стручњаците, а и трговците, добро го знаат ова, и тоа се вика балансирање на системот: колку произведуваш во даден момент, толку трошиш, или однапред си договорен да увезеш или извезеш. Термоцентрала не можете да ја регулирате вас како ќе ви текне, не е подложна на регулација. Струјата која доаѓа од таму се вика „базна струја“ а струјата од хидроцентрала или од увоз се вика „врвна струја“ и со таа вие ги пеглате врвовите во потрошувачката, што е начин на балансирање на системот. Дебалансирање на систем значи хаварија, и обично носи големи последици: нешто ќе изгори.

Од друга страна, обновливите извори имаат една неповолна карактеристика: вие не ги регулирате, сами се регулираат. На пример, ветер дува тој кога сака, а не вам кога ви треба. Фотоволтаици не работат ноќе, делумно работат ако е облачно и не даваат ништо ако врз нив падне снег. Вода има и вода знае да снема; сте го виделе Мавровско езеро празно? Ова значи дека балансирање на систем во кој има голем процент на обновливи извори е многукратно посложено, а во наш случај може да е и невозможно: немаме доволна диверзификација на извори на струја. РЕК Битола работи на граница на можности, Осломеј го потроши јагленот, Неготино е на мазут и никогаш не проработело, а хидропотенцијалот вкупно има околу 15% од потребите, и тоа ако езерата се полни. Зборот ми е: постојат сериозни технички причини зошто 200 мегавати соларна струја е блиску до теоретската граница на која е можно балансирање на вака дефиниран систем во МК. Некои од државите кои почнаа на време и веќе ја надминаа границата од 20% обновливи извори веќе се соочуваат со овој проблем и на редефинирање на правилата за пристап кон системот. Во прв ред тоа се Холандија, Германија и Британија. Ние уште не сме ни почнале.

Зошто го пишувам ова? Затоа што - ако навистина Кочо успее да изведе 200 мега соларна струја со помош на крупен капитал, ќе постојат сериозни технички причини понатамошното производство од мали производители да се ограничи или барем некако да се усложни. Не можете да се ослоните само на сончеви колектори, а не смеете да дозволите дебаланс на системот. Е сега, важно е ова: никаде во донесената регулатива ниту во документите не се споменуваат физички лица, само фирми. Се зборува дека владата треба да донесе посебен документ во кој ќе се регулира производството од страна на физички лица, и тоа ќе биде ограничено само на 4 киловати по домаќинство. Ако навистина се донесе таква регулатива, ова ќе биде сериозен удар за производство на физички лица, бидејќи ова е многу мало производство, кое отприлика одговара на сопствената потрошувачка на едно домаќинство, и тоа ако не се грее на струја. И тоа е тоа, без разлика дали имате средства и услови за повеќе, дали имате и кров и двор, дали сакате да вложите и да остварите профит, ограничени сте само на - капа за глава. Бизнисот ќе се прави некаде на друго место.

Во паралелен универзум инаку, замислете ја следнава ситуација: имате куќа во која живеете, на пример во Скопје, и имате викендичка, на пример во Дојран. Имате средства да вложите во сончеви колектори, да речеме на двете места по 10 киловати моќност. Викендичката ја користите да речеме 30-40 дена во годината, остатокот од годината е празна. Меѓутоа, ако викендичката и куќата произведуваат струја 365 дена во годината, можете да заштедите доволно да го платите греењето на струја во куќата во која живеете, и дури на крај на година и да ви останат пари. И тоа без никаде да прочури оџак, без емисија на загадувачи и СО2 во атмосферата. Научна фантастика? Секако; според вака промовираниот концепт на владата.

Од трите обновливи технологии, сонце вода и воздух, само сонце е со денешниот развој на технологијата погодно да се употребува како куќна технологија, која не бара огромни инвестиции, и која може да си ја дозволи било кој што е од средна класа и кредитоспособен. Другите две, ветар и вода, се на индустриско ниво, бараат значајни инвестиции и посада за одржување и работење, а и онака никој од нас не живее блиску до брана. И сега наместо да се бараат значителни средства од странски инвеститори за овие две, тоа се прави за фотоволтаиците, за кои луѓе може сами да се погрижат, без државни кредити или странски инвеститори. Оди па разбери.

И на крај, наднасловот на текстот е критика кон една залудно потрошена младост. Не се однесува на Кочо и неговата младост, се однесува на мојата. Поголемиот дел од кариерата сум сведок на погрешни, намерно или од незнаење, владини политики кои или одат директно на штета на јавно добро, или се во функција на богатење на мал круг луѓе, без да се води сметка за долгорочни последици за општеството. Енергетиката секогаш зависи од политичка одлука, а политичките одлуки кај нас се носат во однос на тоа кој, и од што може да прави пари. Злите јазици би рекле дека досега требаше да бидам таму негде, во странство, работејќи на вистински проблеми и комуницирајќи со вистински луѓе, наместо да пишувам вакви текстови. Искрено, би сакал некој да ме демантира и да ми докаже дека грешам, дека тоа не е така, и да ги одбрани своите позиции. Тоа многу би ме израдувало, во техниката не постои суета. Се надевам дека овој текст ќе стане основа за полемика, и дека некој што учествувал во креирање на овие политики ќе ми докаже дека грешам, дека тоа не е така, дека постои некој што ќе ја откупува струјата што ја произведувате и дека се создадени услови за развој на оваа технологија во интерес на граѓаните, а не крупниот капитал. Многу ќе ми биде драго ако ми докажат дека грешам.

Што е тука е. Тоест не е тука, ама тоа е.

Ивица Гегоски, дипл.маш.инж.

18 март 2019 - 10:07