Што би направила една компанија ако одеднаш ги изгуби сите свои клиенти? За повеќето бизниси одговорот веројатно би бил намалување на трошоците, отпуштања и затворање на дел од производството. Но кога во 1978 година италијанската компанија Гарбелото останала без ниту една нарачка, нејзиниот сопственик донел сосема поинаква одлука: нема да отпушти никого.
Фирмата била основана уште во 1775 година и со генерации останала во сопственост на истото семејство. Во минатото произведувала буриња за Хабсбуршката династија, а во 20 век нејзините производи ги користеле некои од најпознатите италијански производители на вино и алкохолни пијалаци. Во индустријата стекнала репутација како своевиден „Ролс-Ројс“ меѓу производителите на буриња.
Но во 1978 година таа репутација не била доволна. Нафтената криза од 1970-тите ги забавила инвестициите низ Европа. Производителите на вино почнале да штедат, а дрвените буриња биле меѓу првите трошоци што можеле да се одложат. Во исто време, вкусот на потрошувачите се менувал: наместо долго одлежувани вина, станувале попопуларни помлади и полесни вина. Дополнително, во винските визби почнале да се користат поевтини материјали како бетон и нерѓосувачки челик.
Една по една, малите италијански работилници за буриња исчезнувале. Со нив исчезнувал и стар занает – умешноста на „ботајо“, мајсторот што знае како да избере дрво, да го обработи и со помош на оган да го свитка во совршена форма.
Пјетро Гарбелото, седмата генерација на семејството што ја водело компанијата, се соочил со навидум едноставен избор: да ја затвори фабриката и да ги отпушти работниците за да ја спаси компанијата. Одбил да го стори второто. Подоцна објаснувал дека не можел да не мисли на семејствата на своите работници. Многу од мајсторите во Гарбелото биле таму со генерации. Татко и син, па понекогаш и внук, работеле еден покрај друг и го пренесувале знаењето за дрвото и огнот не само преку формална обука туку и преку секојдневна работа.
Наместо да ги отпушти, Пјетро им продолжил да им исплаќа целосни плати. Без нарачки за буриња, работниците ја одржувале фабриката, ја поправале опремата и се грижеле за огромниот склад со дрво. Таму дабот се сушел на отворено со месеци пред да може да се употреби. Финансиски, тоа било катастрофа. Компанијата трошела пари без да заработува.
Но Пјетро гледал подалеку од билансот за една година. Верувал дека циклусите во индустријата се менуваат и дека, кога повторно ќе се појави побарувачка за квалитетни дрвени буриња, компанијата мора да биде подготвена. Ако ги отпушти мајсторите, можеби ќе заштеди пари во моментот – но ќе го изгуби знаењето што со децении, па и векови, се пренесувало од еден човек на друг. И токму тоа се случило.
Во 1980 година семејството Гало, италијанско-американски производители на вино од Модесто, Калифорнија, пристигнало во Европа во потрага по работилница што може да произведе огромни садови за одлежување вино. Им биле потребни 712 огромни дрвени садови, секој висок повеќе од 3,6 метри. Тоа била најголемата поединечна нарачка во историјата на индустријата за производство на буриња.
Во меѓувреме, голем дел од конкурентите на Гарбелото исчезнале. Но оваа фирма ги имала мајсторите. Го имала дрвото. Го имала знаењето. И, благодарение на одлуката на Пјетро, сето тоа било зачувано. Нарачката траела пет години и на крајот ја спасила компанијата.
Денес Гарбелото сè уште е семејна компанија, уште се наоѓа во Венето и ја води осмата генерација – браќата Пјеро, Пиергрегорио и Пиеремилио. Од мала семејна работилница прераснала во една од најпознатите компании за производство на буриња во светот. Семејството својата филозофија ја нарекува vincere con – „да победуваш со“. Идејата е дека долгорочниот успех не се темели на победата над другите, туку на односи во кои двете страни имаат корист.
извор