Кремљ ги натера компаниите самите да се бранат од украински дронови

Кремљ ги притисна руските компании самите да придонесат за сопствената одбрана од украински дронови. Оние што ќе изнајмат противвоздушни системи од војската ќе бидат ослободени од даноци. Оние што ќе одбијат може да бидат преземени од државата. На приватните стражари околу критичните објекти им се нудат високи плати и гаранции дека нема да бидат мобилизирани.

Огромната територија на Русија ѝ помогна да се одбрани од војските на Наполеон и на Хитлер, но денес таа претставува слабост. Откако Украина во почетокот на оваа година ги засили нападите со дронови врз руските индустриски центри и рафинериите, дури и илјадници километри од фронтот, руската војска е принудена да ги прераспореди противвоздушните системи на голема територија и тешко може да ја одбрани во целост. 

Новата стратегија е изградена врз примерот на челичарницата „Северстал“ која неодамна беше погодена од украински дрон. Сопственикот Алексеј Мордашов изнајми систем за противвоздушна одбрана за да го заштити најголемиот погон во предградие на Москва.
Како што се интензивираа украинските напади, примерот го следеа други индустриски комбинати, кои во првата половина од 2026 година потрошиле повеќе од 5,2 милиони долари за одбрана од дронови, што е речиси седум пати повеќе од износот потрошен во 2025 година. Оваа сума не е целосна, бидејќи компаниите не се обврзани јавно да ги објавуваат вакви податоци.

На ова не се притиснати само од реалната закана. Кремљ во август објави декрет според кој секоја компанија што нема да преземе одговорност за сопствената одбрана се соочува со привремена заплена на имотот. Од друга страна, владата подготвува и закон за ослободување од данок како компензација за вложувањата во одбраната и поправката на штетите.

Кремљ сè повеќе го префрла товарот на заштитата врз плеќите на приватниот бизнис, изјави Александра Прокопенко, виш аналитичар во Центарот „Карнеги“ за Русија и Евроазија.

Некои компании му плаќаат на Министерството за одбрана за изнајмување системи со кои ракуваат обучени инструктори. Други ангажираат инженери за да развијат сопствена опрема. Синџирот за онлајн продажба Wildberries инсталираше челична мрежа околу некои магацини.

Фирмата Avito објави оглас за вработување чувари кои ќе бидат задолжени да откриваат закани од беспилотни летала и да ги соборуваат. За ваква позиција во Московската област се нуди месечна плата од речиси 3.000 долари, плус бонуси. Чувари ангажирани околу Кримскиот мост добиваат и двојно повеќе. Потпишуваат едногодишен договор, со гаранции дека нема да бидат мобилизирани.

Владата, исто така, ги овласти вработените во поштенските служби да носат оружје и муниција против дронови.

Од март, украинските беспилотни летала извршија околу 200 напади врз руски рафинерии и погодија најмалку 36 логистички центри. Тоа го зголеми товарот врз осигурителните фирми, кои не можат да ги обработат и да ги исплатат сите барања за надомест на штета. Централната банка на Русија вети 2 милијарди долари за главниот реосигурител за да ги покрие исплатите.

Украина се соочува со слични проблеми. Владата им помага на приватните компании да се осигурат од воени ризици во износ до речиси 700.000 долари во најопасните региони. Приватните сопственици на критична инфраструктура, исто така, можат да побараат опрема за електронско војување. Со неа ракува војската, која ги интегрира во севкупниот систем за противвоздушна одбрана на земјата.

28 септември 2026 - 13:41