Роберто Карлос: 11 деца, 7 жени, 3 титули во ЛШ и загуба од 160 милиони евра

Непромислениот живот на една од најславните бразилски легенди. Призна дека бил измамен и останал без целата заработка од својата кариера.

Како и неговите најнепредвидливи удари, оние суперсонични слободни удари што го прославија низ целиот свет, така животот на Роберто Карлос наеднаш свртел во друга насока. 

Стигнал до финансиска катастрофа за која самиот раскажа. Лажни пријатели, нечесни агенти и лукави роднини му ја испразниле банкарската сметка. 

Бразилецот останал без скршена пара. Во судирот со животните неволји, ликот на ова вечно момче, сега на 53-годишна возраст добива нова димензија. Како преку ноќ да остарел, истиот тој што некогаш излегуваше на терен со онаа негова препознатлива насмевка, восхитувајќи се на сè.

Дури и кога се сумира неговото секојдневие, на виделина излегува неверојатна великодушност на духот, во која се испреплетуваат хромозоми и трофеи во витрината, кошмари и љубови, пороци и доблести, како и ноќи поминати во маки наспроти оние поминати по маси.

ТРОФЕИ И ДЕЦА

Земете длабок здив: 11 признаени деца од 7 сопруги, 2 брака и 2 „сувенир-фотографии“ со среќничките. Како фудбалер настапуваше за 8 екипи, а неуспешно водеше 5 како тренер. Во својата витрина има 25 трофеи, вклучувајќи 3 титули во Лигата на шампионите со Реал Мадрид и Светско првенство со Бразил.

Забележа 125 настапи за Бразил, втор на листата веднаш зад Кафу. Неговиот прочуен слободен удар на пријателскиот натпревар меѓу Франција и Бразил во Лион во 1997 година беше измерен со брзина од 137 километри на час. 

Помина 11 години во Мадрид, запиша 527 настапи, рекорд меѓу стрранците. Настапи на три Светски првенства (1998, 2002 и 2006 година), а многу повеќе солзи пролеа поради она што го пропушти во 1994 година (селекторот му даде предност на Бранко). 

Роден е во сиромаштија во Сао Паоло, а на 12 години почнал да работи во фабрика за текстил. Морати потроши 10 милијарди лири во 1995 година за да го доведе во Интер. 

Обезбеди договор вреден 9 милиони евра по сезона, со важност од две и пол години, од сопственикот на Анжи, Керимов, кога на 38-годишна возраст одлучи да се пресели во Русија.

РОНАЛДО ИЛ ФЕНОМЕНО

И уште нешто: Имал ужасни 30 секунди кога се разбудил од непријатен звук, по што сфатил дека на неговиот голем пријател Роналдо му се слошило во пресрет на финалето на СП 1998 година против Франција.

Стави крај на кариерата на 42 години, после 24 години професионално играње фудбал. Во својот зенит, 100 метри ги трчаше за 11 секунди. 

Запиша неверојатна асистенција за незаборавниот волеј удар на Зидан против Баер Леверкузен во финалето од ЛШ. 

Имал 15 години кога, според сериозните обвинувања на германскиот телевизиски канал АРД, почнал да користи допинг за да ја зголеми мускулната маса, под водство на најозборуваниот бразилски лекар од тоа време, Жулио Цезар Алвес. Тој негирал сè и се заканувал со тужби, но случајот бил затворен без потреба од судска постапка. 

И конечно, 160 милиони евра заработени од фудбалот, за кои тој смета дека му биле украдени од банкарската сметка, му ги нема, оставајќи зад себе само облак од сулфур, како сведоштво за ѓаволската работа што го претворила од богат лебед во пајче без скршена пара.

ФИНАНСИСКИ КОЛАПС

На почетокот од 2025-та година кружеа гласини дека, додека се разведувал од втората сопруга побарал од Реал Мадрид соба во нивниот тренинг-центар. Но тој огорчен и бесен, веднаш ја демантираше гласината.

Сепак, сега тој самиот раскажува за финансискиот колапс во кој неочекувано се нашол. Додека играше за Мадрид, редовно присуствуваше на забавите што ги организираше Роналдо. Се познаваат уште од 1992 година, кога и двајцата биле млади момци кои сонувале за слава. 

Незаборавна е случката во вилата на „Ил Феномено“. Додека фудбалерите и нивните сопруги, партнерки и девојки пиеле аперитиви на зајдисонце, им дошол тренерот кој барал да влезе. Внатре имало десетина девојки, ангажирани за таа пригода од „Ил Феномено“.

Роберто Карлос изјавил: „Повеќе ноќи сум спиел со него отколку со моите две сопруги“. Неговите соиграчи од Мадрид подоцна раскажуваа дека, поради општата непријатност сепак, речиси сите си заминале и се повлекле пред ситуацијата да прерасне во хаос сличен на мешаница во шеснаесетникот. 

Единствените што останале, малку и изненадени, биле Роналдо и Роберто Карлос, кои продолжиле да играат сè до продолженијата.

ЛЕВИЦАТА

Што се однесува до неговиот експлозивен удар, тој произлегуваше од екстремитети цврсти како мермер со рекорден обем, кој се движеше меѓу 66 и 68 сантиметри од десниот до левиот бут.

Со години по тој славен слободен удар во Лион, тим од француски физичари се обидуваше да ги спореди силата, гравитацијата, отпорот на воздухот, па дури и динамиката на проектилите и многу други фактори, во залуден обид да ја открие тајната на тој моќен удар. 

Но, науката мораше да им се предаде на фактите. Тој удар остана тајна. Една од многуте тајни на Роберто Карлос.

28 септември 2026 - 14:30