За експериментот Активирање на расед и руптура на земјотрес (FEAR-2), десетици научници од цела Европа кон крајот на април четири дена пумпале 750 кубни метри вода во бушотини во карпестите ѕидови на тунел под Алпите, со цел да предизвикаат земјотрес со јачина од 1 Рихтеров степен.
За локација за испитувањата бил избран природен расед во јужна Швајцарија. Во тунели на длабочина од околу 1,5 километар била поставена лабораторија со сензори и сеизмографи. На тој начин биле предизвикани околу 8.000 мали потреси по должината на целиот расед, кои неочекувано се прошириле и на вкрстени раседи. Интензитетот бил помал од очекуваниот, со локални магнитуди од минус 5 до минус 0,14 степени, но истражувачите го сметаат тестирањето за успешно.
Имавме сеизмичност. Не ја достигнавме целната магнитуда што ја поставивме, но стигнавме нешто под неа. Целта е да да разбереме што се случува во длабочина кога Земјата се тресе, објаснува Доменико Џардини, еден од водечките истражувачи на проектот.

Тој додава дека никогаш досега не бил спроведен сличен експеримент на толку голема длабочина.
Имаме 1,5 километар планина над нас и можеме многу одблизу да ги погледнеме раседите, како се движат, кога се движат. И можеме самите да ги натераме да се движат, додава Џардини.
Експериментот бил управуван од далечина, од лабораторијата ETH во Цирих. Заради безбедност во приодните тунели немало луѓе.
Ништо не се чувствуваше на површината. Ризикот беше околу 1% од природниот, објаснува Џардини.
Следното тестирање ќе се спроведе веќе во јуни, за да се утврдат „најдобрите агли на вбризгување за да се достигне магнитуда од 1 Рихтер“.
Ја имаме нашата машина за земјотреси... Сега мора да си играме со параметрите“, вели францускиот сеизмологот Фредерик Масин.

Џардини објаснува дека резултатите од истражувањето се многу важни за подземни активности, како екстракцијата на нафта со пумпање течност под висок притисок во карпите. Тој го истакна примерот на земјотресите предизвикани од отстранување на отпадни води од индустријата за фракинг во Тексас и на земјотресот од 5,4 степени во Поханг во Јужна Кореја во ноември 2017 година, предизвикан од пумпање вода во првата експериментална геотермална електрана.
Без да го сфатат ризикот, тие пумпаа вода и поттикнаа сеизмичност на голем расед. Не велиме дека не треба да се оди под земја. Треба да научиме како да го правиме тоа побезбедно, истакна Џардини.