Бивш директор на ЦИА: Иран ни држи пиштол на чело

Леон Панета, поранешниот шеф на ЦИА, ги реди сите грешки на Трамп, која од која поголема, поради кои САД влегоа во војна со Иран, од која сега не можат да се извлечат. Трамп загризал залак што не може да го проголта. Иако разузнавачите одамна знаеле дека Иран во случај на војна ќе го затвори Ормускиот проток, Трамп немал план како да реагира на таква ситуација.

Војната што Трамп ја почна со Иран, за која кажа дека ќе трае шест до осум недели, најверојатно ќе се протегне со месеци, затоа што ситуацијата повеќе не ја контролира Вашингтон, туку Техеран, тврди Панета, кој беше шеф на ЦИА, а потоа и на Пентагон за време на претседателскиот мандат на Барак Обама.

За него е неразбирливо зошто Трамп воопшто немал излезна стратегија, иако разузнавачките служби секогаш знаеле дека Иран на секој напад ќе реагира со затворање на протокот.

Наспроти честите закани од Трамп дека „воено ќе го уништи“ Иран, Панета не гледа голема смисла во продолжување на воздушните напади заради деблокада на Ормускиот проток.

Прашање е дали дополнителна воена акција ќе предизвика каква било вистинска промена во режимот. Тие беа во можност да издржат многу, а нашите сопствени разузнавачки информации се дека можат да издржат уште, вели Панета.

Идејата за испраќање копнени трупи е уште поризична и тешко може да се реализира.

Кога бев секретар за одбрана, заклучивме дека мора да имате доволно трупи за да покриете 50 милји од секоја страна на Протокот и уште 100 милји подалеку за да ја контролирате целата таа област. За таков напор ќе има жртви, објаснува Панета.

Единствениот реалистичен пристап за контрола на преминот, според него, е договор за формирање сојузничка коалиција, која ќе гарантира слободно движење на бродови, без било кој да наплаќа такси.

Со затворањето на протокот, Иран ни држи вперен пиштол во глава. Некако мора да најдеме начин да се осигуриме дека тој пиштол нема да биде таму, вели поранешниот шеф на ЦИА.

Панета го загрижува и изборот на дипломатите за мировни преговори и за решавање на прашањето за иранската нуклеарна програма, кое Трамп често пати го истакнува како главна причина за војната. Џаред Кушнер му е зет на Трамп, а Стив Виткоф соработник, но тие немаат никакво дипломатско искуство.

Сето тоа придонесува војната да прерасне во дуел во кој и двете страни чекаат противникот „да трепне прв“.

Мојот најголем страв е дека во рок од уште четири до пет години, без разлика дали ќе постигнеме каков било договор, на крајот САД и Израел повторно ќе бидат во војна, заклучува Панета.

15 мај 2026 - 15:43