Графитот е дел од Проектот за разубавување на Детроит кој вклучува графити уметници од цел свет, кои се ангажирани да нацртаат мурали низ градот. Но овој на SEVER е всушност критика на ваквите обиди за користење на уличната уметност за „украсување" и „разубавување", што ја потиснува и конечно уништува нејзината основна идеја - да биде израз на отпор кон уметничките институции и „официјалната" култура.
Неговото дело прикажува неколку типични ликови на уличната уметност (Коус, Твист, Банкси, Футура, Шепард Фејри и Ос Гемеос) кои го носат ковчегот на уличната уметност. Вториот, подеднакво критички графит, го прикажува Кептен Америка, прекумерно дебел од брза храна.
Не е само овој уметник скептичен кон ваквиот начин на користење на уличната уметност, туку такви се и жителите на Детроит, кои сметаат дека ова не само што не ги прави нивните згради поинтересни, туку дури и им ја намалува вредноста. „Ако земете зграда направено во 1920-тите и врз неа насликате графит, после тоа никој нема да ја купи", изјавила жителка на населбата во која се врши декорирањето со мурали. Еден од нив веќе морало да биде отстранет, како резултат на реакција на сопствениците на зградата, кои претходно не биле информирани за содржината на графитот.
Сепак, Детроит останува еден од градовите каде уличните уметници се добредојдени. Сè додека имаат потпис и печат од општина, и не цртаат навредливи графити...