наш кавер на денот

Сите љубови на Хоки

Ден после прекрасниот Скопски фестивал на кој видовме и многу нови музички надежи но и искусни но проверени ведети на домашната забавна сцена кои изведоа прегрст преубави песни кои допрва ќе станат хитови да ги пее и старо и младо, ни се чини разбирливо што одбираме да проговориме за - Хашим Хучук Хоки. Тој имаше 4 љубови.

  • Жени (10 брака)
  • Деца (11 деца; 6 синa и 5 ќерки)
  • Тито (два сина му се викаат Алија Тито и Дарио Тито)
  • Песни (продадени во тираж од десетици, по некои извори 40 милиони примероци)

Хашим Хучук Хоки е роден во Фојница, 1946-та година, во многу сиромашно семејство. Во детството бил овчар а на 15 години првпат се жени со овчарка во која се вљубил. Во 1967 година оди во војска каде научил да чита и пишува. Заради својот чист и силен глас, во својот роден град цели 14 години бил муезин, оној што од минарето ги повикува верниците на молитва.

Неговата прва песна излегува во 1964-та година и е таженка по починатиот татко ("Нема те више Алија") а најголемиот хит доаѓа 7 години подоцна. Плоча со песната "Наздравите другови" која се има продавано по 50.000 примероци. Дневно!

Вниманието кон себе го врти и со невообичаениот "рoкeрски' изглед за еден народњак. Долга битлс фризура, црни наочари. Станува центар на несекојдневен скандал откако во еден југословенски магазин се слика гол до појас, што ја соблазнува конзервативната јавност но истовремено го прави и еден од првите секс симболи на народњачката сцена.

Во 80-тите години се преселува во САД каде подоцна бива осуден на затворска казна бидејќи бил истовремено оженет со две избранички на своето срце. Останува без сиот имот (куќа, ресторан, заштеда), но Американците не го ставаат зад решетки туку го депортираат во Југославија.

По враќањето, гостува по телевизии носејќи Tитова биста со себе, и ги колне воените злосторници кои ја растураат Југославија. Водителите главно му се потсмеваат. Најавува повратнички албум но никогаш не го снима.

Гине на 26 ноември 2002-ра година, во сообраќајна несреќа на патот Белград - Суботица. Погребан  е на локалните гробишта во банатското село Сакуле, каде живеел во изнајмена куќасо својата десетта сопруга и нивните две од 11 деца колку што вкупно ги имал.

 

13 ноември 2014 - 11:47