веб класици

У пизду матер, ми се падна Трендо!

Ќе ви соопштам една страшна вест за Македонија која на долг рок може рапидно да го зголеми и онака загрижувачкиот одлив на млади луѓе од земјава (феномен нагалено познат како 'бреин дреин', иако мене тој термин повеќе ме асоцира на атентатот врз Киро).

Пред некое време во мојот инбокс стигна скенирана страница од учебник по македонски јазик за четврта година средно училиште. Нов, официјален, актуелен учебник од кој нашата младина треба да ги учи суптилните финеси на македонскиот, најубавиот јазик на светот (после телешкиот, во софт од црвено вино и рузмарин).

И, што да видам?

Меѓу останатите содржини на тој учебник се нашол и мој текст! Да, во учебникот за четврта година ставена е колумната во која дробам за неповторливите СМС пораки на мојата омилена БТР фреквенција. Ете како ги учиме нашите деца! Ете како ги воспитуваме генерациите кои ќе треба да ги враќаат нашите долгови! Жално, јадно, очајно. Малтене, ај ем спичлес.

Теофил Панчиќ, еден од моите омилени колумнисти еднаш напиша:

"Нема подобар начин да уништиш еден автор отколку да го ставиш во лектира. Само така можеш да се осигураш дека него веќе никој нема да го чита".

Мојов пример 'не е до толку', но сепак дозволете ми одвреме навреме да ме полазат морници. Али, немам намера да се жалам. Само ќе нафрлам едно објаснување и едно извинување:

Прво:
Како што можете и сами да видите на скенот, колумната е замислена како дел од некаква вежба. Учениците треба да го прочитаат текстот по што треба да ги определат "граматичките изразни средства (морфолошки и синтаксички).

* мојот прв коментар: WHAT????

* мојот втор коментар: да ми се падне мене оваа вежба, јас - да се изразам морфолошки - би добил кец ко планина! Кажано синтаксички, појма би немал.

Второ:
Ја користам оваа прилика најискрено да им се извинам на сите сегашни и идни македонски ученици од четврта година за сите маки, неволји и срања кои ќе им бидат приредени "во мое име"!

Стварно... извинете... јеби га.

со тага во душата и синтакса во срцето,
Трендо учебникарот

(2.000 и некоја)

12 мај 2016 - 14:22