"Тијана умре. Ангелите нека се со неа. Сочувствувам со неизмерната болка на родителите, пријателите, роднините. За нејзиниот, медицински многу тежок случај, дознав случајно. Тоа е ситуација во која човек едноставно не може да каже не, и да не одговори на повикот за помош.
Иако на клиниката во Виена даваа 2 отсто шанси за успех на операцијата, а подоцна го демантираа и овој обесхрабрувачки процент, американскиот Хјустон даде надеж, секако со астрономски висока цена на операцијата. Милион долари. Ни повеќе ни помалку.
Што се милион долари за живот на кое било дете? Ништо. Безвреден куп хартии.
Голем број мои колеги, инспирирани од спасувањето на еден детски живот, се разлетаа како стрелички по медиумите, некои и прилично го одврзаа ќесето. Парите по некое време се собрани.
За жал, малата Тијана операцијата, согласно претходните реални медицински прогнози, не ја издржа.
Сите кои учествуваа во акцијата тагуваат, но имаат мирна совест. Дале сè од себе.
Астрономската цифра, која Хјустон ја бараше, граѓаните на Србија ја собраа.
Но, Тијана не успеа. Освен тага во срцето, чувствувам дека е убаво што живеам меѓу луѓе кои се сочувствителни и солидарни, грижливи за туѓите деца, кои од своите мали пензии, својот скромен живот, одвоиле за малата Тијана.
Па, каде згрешивме?
Никаде.
Сè направивме како што треба.
Освен што, покрај стотина тешко болни деца, во сплет на околности, одлучивме да ѝ помогнеме токму на малата Тијана, затоа што нејзиниот случај беше најбезнадежен, најтежок.
А кој е тој кој може да процени кому му е повеќе потребна помош, а кому помалку?
Таа тешка одлука мора да им се препушти на професионалците. На искусни лекари, кои имаат вкупна слика за здравствената состојба на нацијата, и тоа им е работа, да ги одредат приоритетите на лечењето.
Дали со иста ваква акција можевме да спасиме некое друго дете? Или десетина други деца? Тоа се тешки морални прашања, и мислам дека нам, незнајковци во науката која се вика медицина и здравство, би требало да ни биде строго забрането да се занимаваме со ваквите тешки одлуки.
Србија има здравствен систем кој е добар, само му недостасуваат пари. Колку би било за сите нас побезболно ако со хуманитарни и други акции всушност го полниме здравствениот фонд и им препуштиме на експертите да располагаат со средствата на најадекватен начин?!
Или треба секоја популарна личност за себе, по свое наоѓање, гордост и суета да бира на кое дете ќе му помогне а на кое не.
Во таа дилема да се игра мал, локален Бог, кој со својата одлука за некои деца станал Ангел спасител, а за другите деца кои не ја добиле неговата помош автоматски со тој чин станал џелат?!
Тијана е, се надевам, во Рајот. Ние останатите, кои останавме да се пржиме во пеколот на земските дилеми, треба само да се прашаме, што не тера да глумиме Богови, да одлучуваме на кое дете ќе му помогнеме, а кому воопшто не.
Колку деца, додека се надевавме за здравјето на Тијана, умреа без неопходната скапа медицинска помош, а за нив можеби имало некакви шанси?
Можеби сепак единственото решение, како и во сиот цивилизиран свет, е парите да ги уплаќаме во здравствениот фонд, редовно, со одговорност и љубов.
Иако така нашиот дар не е персонализиран и видлив, туку е упатен еднакво кон секое дете кое е родено, како и кон оние кои во моментов се раѓаат, кои уште немаат ни име.
Здравството е сложена и сериозна наука, па исправно е стручните лица да одредат колку од тие пари и кога треба да се вложува во лечење, превентива, едукација.
Динар во превентива дава повеќе од сто динари во лечење.
Тијана, биди нашиот Ангел и покажи ни го исправниот пат. Граѓаните покажаа висока свест, емпатија и солидарност. Научи нè, или барем шепни ни, да почнеме да развиваме доверба кон нашите лекари и здравството воопшто, кое е добро благодарејќи на надчовечките напори на луѓето кои работат во него. Научи нè нашите хуманитарни акции да ги насочуваме сите во истата каса, во касата на здравството.
Затоа што таа институција, со армијата лекари, доктори, професори, сестри, хирурзи и здравсвени стратези сепак најдобро знае да процени како домаќински се води оваа чувствителна, суптилна, а секако најважна задача во државата. Како се чува здравјето на нацијата.
Јас не знам што ќе направите вие денес. Јас знам. Ќе запалам свеќа за малиот Ангел, нашата Тијана, и ќе проверам колку пари сум должен во здравствениот фонд, итно тоа да го подмирам, во надеж дека тоа барем малку ќе ја смири мојата вознемирена совест, во надеж дека динарот кој ќе го дадам во здравството најдобро ќе го најде патот до секое дете кому му е потребна помош.
На Америка, на Хјустон, на Виена, секоја чест. И на нивната медицина. Потсетувам дека нашите доктори до пред некоја година среде Белград правеа најкомплексни трансплантации на срце.
Пациентот не требало да изброи милион туку само на шалтерот, при приемот, да предаде оверена книшка.
Тијана, осветли ни го патот.
Рамбо Амадеус (на неговата ФБ страница)