Беспредметно е да се набројува што сè има на платформата Дизни плус: Дизни, Пиксар, Марвел, Стар ворс, Национална географија.... илјадници и илјадници часови програма, драгоцена не само за фановите на овие култни брендови туку и за оние кои сакаат да нурнат во историјата на подвижните слики.
Се разбира, го има најпознатиот дизниев лик, Мики Маус, но главно во „кид-френдли“ изданија како „Mickey Mouse Clubhous“ или пак божиќните специјалки. Ама ќе го нема Мики од 20-тите години, кога цртаните си играа со денес скандализирачки теми. На пример во анимираниот римејк на „Колибата на чичко Том“, каде што Мики беше со црна фаца.
Ќе ги има Симпсонс кои накалемија дури 31 сезона но ќе ја нема епизодата со Мајкл Џексон кој е комплетно лустриран после документарецот Неверленд (ќе ја снема ли и Питагорината теорама зашто Питагора бил тиран кој на своите ученици им забранувал да јадат грав?).
Ќе го има и Дамбо но без една од најлегендарните сцени во филмот, онаа со гавраните.
Што е па тука спорно? Гавраните, факат, се понашаат како улични црнци, ама па што? Во филмот тие и онака се тотално гуд гајс. Плус, да не беа тие, Дамбо тикви што ќе научеше да лета. Можеби е спорно што гавранот (crow) се вика Џим Кроу, име под кое се познати серија закони за расна сегрегација од 19-от век. Некому во Дизни во 40-тите години тоа му се видело смешно, ама не ни е јасно како тоа ДЕНЕС некому е опасно?
Во претходна ДВД серија на Дизни, историчарот Леонард Малтин го објаснуваше историскиот контекст на поедини содржини. Овојпат студиото не се решило на контекстуализирање и сдтавање на приказните во историска рамка туку на блесаво и бедно цензурирање.
По цена од 6,99 долари месечно, Дизни плус е достапен во САД, Канада и Холандија. Во Британија и западна Европа доаѓа во март 2020-та а во источна Eвропа кон крајот на годината. За мал Шенген не знаеме.