
Чарлс Џулиус Гито влегол во историјата како убиец на 20-тиот претседател на САД, Џејмс Гарфилд, во атентат што се случил во 1881. Опишан како метално болен неуспешен адвокат. тој верувал дека одиграл главна улога во претседателската победа на избори, за што очекувал да стане амбасадор во Париз или Виена. Кога сфатил дека од ваквото назначување нема ништо, тој пукал во претседателот. Гарфилд починал 79 денови подоцна од инфекции поврзани со раните. Една година подоцна, убиецот бил осуден на смрт и обесен.
Но две децении пред овие настани, Гито живеел во заедницата Онејда во државата Њујорк. „Онејда“ подоцна станал синоним на сребрен прибор за јадење бидејќи таквото производство било нивен главен извор на финансии цели 125 години. Но пред да стане компанија, тоа било религиозна утопија основана од студент по теологија, Џон Хемфри Нојс. Тој проповедал Перфекционизам, доктрина според која грешникот не само што можел да се искупи со правењето на исправни морални избори туку и да стане совршен со работа на себе и своите маани.
Тој основал утописка комуна со радикални верувања и практики, од кои најзначајната била наречена „меѓусебна критика“, каде членовите биле јавно опоменувани од другите за да го подобрат својот карактер. Критиката требала да се врши без осуда, без ласкање и со уверување дека и несовршените луѓе имаат право да укажат на туѓи недостатоци.
Со времето, Нојс вовел уште порадикални идеи, вклучувајќи и „сложен брак“, во кој сите мажи и жени во заедницата биле во брачни односи едни со други. Идејата била да се елиминираат љубомората, сопственоста и ексклузивните врски, а љубовта да биде слободна, но доброволна. Секој маж кој бил заинтересиран за жена морал прво да ја извести преку трета личност, за да може таа да одбие без да се создадат проблеми.
Дополнително, се практикувала „машка воздржаност“ – односно сексуални односи без ејакулација за избегнување несакани бремености. Младите членови, веднаш по пубертетот, биле сексуално воведувани од повозрасни партнери, што заедницата го сметала за начин на безбедна, духовно контролирана сексуалност.
Во 1860-тите, заедницата вовела и селективно размножување наречено „стирпикултура“ – претходник на еугениката – каде Нојс одлучувал кој со кого може да има деца. Во некои случаи имало и сроднички врски, за кои Нојс тврдел дека се „божествено инспирирани“. На овие начини биле родени 58 деца.
Во еден период, на заедницата ѝ се придружил и спомнатиот Гито,. Но тој не се вклопил во неа – не добивал женско внимание, бил често предмет на критики и го напуштил местото во лоши односи. Ја тужел заедницата и го обвинил Нојс за измами и неморал. Откако не успеал како адвокат, новинар и проповедник, се свртел кон политиката. Бил убеден дека негов говор придонел за изборот на Гарфилд и очекувал функција во новата администрација. Откако бил одбиен, поверувал дека убиството на претседателот е „божји план“, начин да се спаси републиката и да се промовира неговата книга.
По бегството на Нојс во Канада во 1879 година, заедницата се распаднала на фракции. Некои сакале да продолжат со слободната љубов, други се залагале за традиционални бракови. Во 1881 година, таа официјално престанала да постои како утопија и преминала во акционерско друштво кое го произведувало спомнатиот прибор за јадење.
Децении подоцна, потомците на заедницата ги уништиле сите архиви што сведочеле за нивната слободољубива и контроверзна историја. Историјата на Онејда останала запаметена како една од најнеобичните, најдолготрајни, но и најпроблематични утописки експерименти во американската историја.