Видлива и невидлива Македонија

Од само два (со бројка: 2) конкретни, нумерички изразени критериумa за тоа што е успешен референдум (овој, оној, небитно), они сега пробуваат да забегаат во чист импресионизам.
Колку е два плус два?
Многу.

Од она што го видовме на Телма со Заев, Шеќеринска и Османи, они шибаат накај права бурлеска. Во тоа законите најпросто им пишува дека треба да излезат 50% плус еден човек и позитивно да гласаат 50% плус 1 човек од тие што излегле. Ама не. Они би сега, ако може, да воведат скроз нов и глобално уникатен критериум: да имало огромно видливо мнозинство од оние што ќе излезат. Вид-ли-во!

Што е тоа видливо? Како се мери тоа? После кој глас некое мнозинство станува видливо а после кој огромно?

Што не се носат така и закони? Да дојдат пет пратеника на седница и од нив четворица да бидат ЗА, што е „огромно видливо мнозинство“ од тие петорица?

Што не се мерат така рејтинзи на емисии па да те заболе за тоа што ТВ аудиториумот масовно ти ја игнорира емисијата. Ти вадиш податок дека видливо мнозинство од оние 14 луѓе кои те гледаат, мислат дека си супер, редовно те молат уште еднаш да им направиш квантен скок или слично.

Што за кола се бара минимум тој и тој еко стандард а не машината да е видливо ок? Што се дава возачка на 18 години а не кога видливо можеш да го фатиш воланот? Што се оди во пензија на 65 години а не кога си видливо стар? Дали ним им е јасно дека вакво лупетање е досега најголемата демотивација да се излезе и да се гласа?

Пошто силувањето закони е озбилна работа, би требало да им се каже нешто озбилно како „Но пасаран“. Ама пошто тие се такви какви што се, доволно е: Дечки, дај бе не се глупирајте. Ако пројде референдумот (онака како што е напишано во закон), пројде. Ако не пројде, не пројде. Толку ви е тоа ебено нејасно?

Погледнете ја емисијата, има таму свашта. Помпезна по форма, Џери Спрингер по содржина. Сосе станувања ко Барак Обама, сосе оние деминутиви на Заев (да има паричка, да си ја чуваме оваа земјичка), мислиш те моли да му го купиш последниот џак пиперки.

Ако мнозинството од вас реши да не ја гледа, небитно. Ќе се најдат 14 луѓе и ќе прогласиме победа.

п.с. Хмм, чујте ја и Шеќеринска на 30:03. Не сме барале Солун да го смени името на аеродромот пошто нашата самодоверба не треба да произлегува од тоа колку ДНК сме имале со Александар Македонски. Каков па сега факинг Александар? Аеродромот во Солун се вика Македонија. Не Александар, не Филип, не Софокле, не Антика, не Бовин. Се вика Македонија. И онда во Грција ќе има аеродром кој се вика Македонија (патем, немаме гајле), а Македонија не ќе смее ни да помисли да има аеродром кој ќе се вика Македонија (патем, имаме гајле).

Тоа е она што тие го издејствуваа. За нас. Со најдобриот можен договор. 

 

 

 

25 септември 2018 - 23:42