Можеби е точно дека среќата со пари не се купува (иако ни текнуваат дузина неодоливи начини за нејзино рентање), но тоа сигурно не важи за суверенитетот, иако обичниот човек на него често гледа како на недопирлива и речиси митска категорија.
На оваа тема политиките и владите во минатото правеле такви бизниси што потезите на денешните финансиски тајкуни изгледаат како игранки на мали деца.
САД се создадени со купување суверенитет. Најпознати се набавките на Луизиана од Франција во 1803 и на Аљаска од Русија во 1867, но постојат и многу други дилови: во 1819 година Шпанија го продава суверенитетот врз Флорида за 3 милиони долари, откупот на долгот од 7,5 милини го купува Тексас, во 1845 Мексико добива 15 милиони долари за Калифорнија, Ново Мексико и Јута а Аризона влегува во САД за 10 милиони долари. Јурисдикцијата над поголемиот дел од денешната територија на САД всушност е добиена со купување.
А не е саде САД и не е саде далечна историја. Данска ги продава Девствените острови во 1917 а нешто претходно Шпанија го прави истото со Филипините и Порторико. Франција признава независност на Хаити како дел од пакет за репрограмиран долг, а Леополд Втори продава обврзници за да го купува Конго. Дури и на сензитивна тема како што е Гвантанамо, постои американски меморандум во кој се вели дека "суверенитетот е стока управувана од сили слични на пазарните."
Само во минатиот век Мексико, Јапонија, Маврициус, Никарагва, Пакистан, Оман, Џибути, Етиопија, Сејшелите, Киргистан, Авганистан, Чиле и Перу или дале или земале пари во замена за јурисдикција врз некоја територија. Само пред 5 години Кинезите се согласија да ги прошират инвестициите во Киргистан за добивање 1.000 квадратни километри од планините Памир. Во купопродажниот пакет влегоа и околу 5.000 лица кои живеат во тој реон.
Неодамна судот ја затвори процедуралната врата за референдум за отцепување на Баварија од Германија. Слични желби но и слични пречки има и Калифорнија, најбогатата сојузна држава од САД која, кога би била независна, би ја имала 4-тата по големина светска економија и би била пред Франција. Од друга страна, тука е ригидниот член 3 од уставот кој таквата опција ја прави речиси невозможна како и еден судски преседан од 1869 кој Америка ја прогласува за "неуништива унија".
Но историските поуки велат дека онаму кај што не дава правото, даваат парите а пазарот на суверенитети едвај чека некаде да биде реактивиран. "Прозорецот е отворен", вели професор по историја од Стенфорд