Бандерснеч е измисленото суштество кое се појавува во неколку дела на Луис Керол, со долг врат, јаки вилици и брзоподвижно тело. Од вчера тоа е и наслов на долгометражен филм, излезен помеѓу четвртата и петтата сезона од серијата „Црно огледало“.
Прво што изгледа интересно е тоа што филмот е интерактивен. Како во некаква игрица, уште на почетокот сте ставени во ситуација да бирате (ако гледате на ТВ преку далечинското) една од понудените опции, и во зависност од тој избор да следите некоја од можните верзии на приказната. Бидејќи таа се однесува на напорите на младиот Стефан во 1980-тите да направи токму таква игрица, во која нарацијата бинарно се разгранува, „мета“ шемата на филмот би требало да го рефлектира истото чувство. Истовремено, самиот Стефан, обременет со изборите кои треба да ги направи не само во играта, туку и во животот, запаѓа во тешка параноја и дилема, дали има контрола врз настаните или некој, некаде, ги носи одлуките за него.
Проблемот настанува кога сфаќате дека дел од вашите „избори“ (кои ги правите во име на Стефан) и не се никаков избор, туку се само непотребно губење филмско и реално време. Некои од гранките на приказната всушност се „лупови“ кои ве враќаат назад, и ве тераат да ја одберете другата опција доколку не сакате до бесконечност да се вртите во круг. Дури и оние избори кои реално ги правите не резултираат со екстремно различна приказна (на пример ако треба некој да биде издрогиран тоа секако ќе се случи, само работата е дали самиот ќе го кркне спидот или некој ќе го натера на сила). Сепак, дното е постигнато кога во една од опциите Стефан сфаќа дека неговиот живот е само сценарио за филм кој се прикажува на Нетфликс. Избезумен, тој прашува: „Што е тоа Нетфликс?“. Вие треба да одберете опција дали ќе му го објаснувате тоа или не, во тој момент чувствувајќи се за нијанса поглупи отколку кога сте почнале да го гледате филмот.
Оттаму на неговиот крај, кој во секоја од опциите би требало да трае околу час и половина (освен ако не одлучите да се вратите назад па да пробате со други), главното прашање е - дали можеше интерактивната финта да биде употребена попродуктивно? Тоа што таа е вградена во нарација со филозофски импликации за слободната волја наспроти детерминизмот е одличен потег кој можеше да заврши и со заземање некаков појасен, па макар и крајно циничен и мрачен став, каков што и очекуваме од креаторите на Блек мирор. Ако судиме според овој филм, оние кои управуваат со нашите естетски избори не се баш толку добри манипулатори колку што тоа би го посакувале ние, манипулираните.
Илина, Букбокс