Книгата ќе биде објавена во 20 земји низ светот, а Холивуд веќе ги купил правата за филмска адаптација. И покрај обидите на книжевните критичари однапред да го исмеат стилот на Саша, некои од нив сепак признаваат дека во него „има нешто". Еве еден извадок со авто-механичарски метафори, а се однесува на...ќе сфатите: „Не мора да биде голем, но дефинитивно треба да биде тврд и управуван од некој со возачка дозвола. Затоа што нема поента да маваш по акцелераторот ако не знаеш како да ги употребиш кочниците, да го свртиш воланот или да ги менуваш брзините".
Прв кој сугерирал Греј да напише книга, и тоа уште во 2008, бил нејзиниот тогашен агент. Но вистинскиот мотив дошол по успехот на еротската трилогија на Е. Л. Џејмс кој оживеал една стара уметничка форма, и отворил простор за уште книги на оваа тема. Плус, некако логично се мести дека следен ваков бестселер би го напишал некој кој се презива - Греј.
Оние што ја читале книгата велат дека љубовта на авторката кон (мејнстрим) филмот е очигледна, и дека во неа има и есеистички пасуси кои се однесуваат на филмовите на Буњуел или Орсон Велс. Но таа содржи и една интересна космичка теорија: „Биг бенг создал универзално тело составено од сончеви системи - огромни матки, инкубатори за планетите, кои се космички јајца кои чекаат да бидат оплодени со семето на животот, кои повикуваат: сврши. Ова е, во суштина, мојата сексуална теорија на животот, универзумот и сè'".
Ни Саган не би го кажал подобро.