10 интересни нешта за Мајлс Дејвис за 100 години од неговото раѓање

Мајлс е една од највлијателните фигури во историјата на џезот и современата музика. Роден на 26 мај 1926 година, тој зад себе остави револуционерни албуми, нови музички правци и генерации инспирирани музичари. По повод еден век од неговото раѓање, се потсетуваме на десет интересни факти од неговиот живот и кариера.

Мајка му сакала да свири виолина, но тој избрал труба

Кога Мајлс имал 13 години, неговиот татко му купил труба, иако мајка му сакала да учи виолина. Неговиот прв учител бил Елвуд Бјукенен, кој уште рано му кажал да не ги имитира другите трубачи, туку да развие свој звук.

Живеел со Чарли Паркер

Во младоста, Дејвис се преселил во Њујорк за да биде поблиску до џез сцената. Таму свирел и живеел со легендарниот Чарли Паркер, и покрај предупредувањата за неговата зависност од дрога.

Студирал на Џулијард, но брзо се разочарал

Дејвис бил примен на престижното музичко училиште Џулијард, но сметал дека наставата е премногу „бела“ и академска. Подоцна раскажувал дека му пречеле стереотипните објаснувања за блузот и афроамериканската музика.

Одбил да свири со Дјук Елингтон

Иако бил огромен обожавател на Елингтон, Мајлс ја одбил понудата да му се придружи на неговиот оркестар. Наместо тоа, сакал да се посвети на снимањето на албумот Birth of the Cool, кој
подоцна ќе стане пресвртница во историјата на џезот.

Успеал сам да се откаже од хероин

Во доцните 1940-ти станал зависен од хероин. Во 1954 година решил целосно да прекине, без клиника или терапија. Подоцна велел дека со денови лежел дома во страшни болки додека организмот се чистел од дрогата.

Гласот му останал трајно рапав по операција

По операција на гласните жици во 1957 година, лекарите му забраниле да зборува. Но само два дена подоцна се развикал за време на расправија и трајно го оштетил гласот, кој потоа станал негов препознатлив знак.

Имал чудни ритуали пред концерти

Пред настапи избегнувал храна и секс, а чевлите ги врзувал премногу силно. Не сакал ни да се ракува со луѓе пред концерт, бидејќи мислел дека тоа ќе му ја наруши чувствителноста на рацете.

Често се расправал со Телониус Монк

Односот со Монк бил сложен и полн со тензии. Во еден период Дејвис дури јавно го критикувал, тврдејќи дека свири „погрешни акорди“.

Со години исчезнал од јавноста

Во средината на 1970-тите Мајлс целосно се повлекол од сцената. Поради здравствени проблеми, операции и зависности, со години живеел изолиран во својот дом во Њујорк, додека кружеле гласини дека умира.

Еднаш долго разговарал со младиот Филип Сејмур Хофман – без да спомне музика

Актерот Филип Сејмур Хофман како млад работел како спасител во зградата каде што живеел Дејвис. Еден ден музичарот седнал до него и разговарал половина час за животот, зградите и девојките, но ниту еднаш за музиката. На крајот само рекол: „Јас сум Мајлс“, и си заминал.

Со албуми како „Кајнд оф блу“ и постојаната желба за експериментирање, Мајлс Дејвис останува еден од најважните музичари на 20 век. Неговата музика и денес звучи современо, а неговото влијание се чувствува далеку вон границите на џезот.

26 мај 2026 - 09:18