„АјХостиџ“: филм за заложничката криза во продавница на Епл во Амстердам

Инспириран од вистински настан од 2022, филмот ги опишува неколкуте часови на неизвесност, откако вооружен маж влегува во продавница на Епл во Амстердам и бара 200 милиони во биткојни за да го ослободи заложникот. 

„Двојно А“ - вака се нарекува себеси 27-годишниот Холанѓанец со сиријско потекло, Амар Аџар, кога во преговори со холандската полиција се обидува да издејствува пари и безбеден излез во замена за животот на заложник. Тој на 22 февруари 2022 во камуфлажна униформа, вооружен и со експлозивна направа на себе влегува во Епл стор на плоштадот Лајден, едно од најпрометните места во Амстердам, близу местото каде претходно е убиен новинарот Петер де Врис. Тој зема како заложник човек со бугарско државјанство, кој влегува во продавницата за да си купи слушалки. Десетици други луѓе успеваат или да избегаат од зградата или да се скријат на горниот спрат, а четворица, меѓу кои еден вработен, се кријат од киднаперот во остава. 

Филмот под наслов „Ајхостиџ“ кој во моментов се прикажува на Нетфликс, верно ги следи настаните од тој ден, онака како што се прикажани во медиумите. Сепак, покрај фактите, филмот прикажува и меѓучовечки интеракции (помеѓу киднаперот и заложникот, помеѓу заглавените во оставата, но и помеѓу полицајците) кои помагаат да се разбере тежината на ситуацијата на еден политички коректен начин. И киднаперот има причини зошто е гневен, откако долго време се влечка во она што го нарекува „Бермудски триаголник“ помеѓу полицијата, судството и социјалните служби, плус покажува емпатија кон заложникот. Бугаринот е дојден во Холандија да спечали некое евро под притисок на жена му која сака да купат нов стан. Црниот продавач на Епл за малку не е прогласен за соучесник на киднаперот, затоа што задржал муштерија неколку минути повеќе за да му смени батерија на лаптопот. Еден од специјалците го прекинува својот семеен одмор за да може да учествува во акцијата итн. 

Интересно е тоа што Бугаринот во филмот го игра босанскиот актер Адмир Шеховиќ (го гледавме во „Лепа села, лепо горе“) кој за улогата поминал низ долг и неизвесен процес на аудиции

На Имбд филмот има скор од 5.7/10 што делува престрого, но можеби се должи и на мекиот пристап што прави тој повеќе да личи на реклама за Епл отколку на ангажиран филм за социјалните проблеми што доведуваат до вакви инциденти. После многу подобри заложнички сценарија во историјата на филмот, овој можете и да го прескокнете.

Илина, Букбокс

2 мај 2025 - 08:30