Букбокс гледанка: „Стив“ или за уморот на спасителите (2025)

„Стентон Вуд“ (наречен уште и „Последна надеж“) е дом за проблематични момчиња што општеството веќе ги отпишало. Стив (Килијан Марфи), неговиот директор, се бори и со сопствените демони и со предизвиците на системот, кому воопшто не му е гајле за овие „криминалци“ и „животни“. Во овој динамичен филм, спасителите и воопшто хуманоста се оние кои ја губат енергијата и битката. 

После „Мали нешта како овие“ од 2024, во кој Килијан Марфи играше посветен татко кој открива вознемирувачки тајни во локалниот манастир, тој повторно се здружува со белгискиот режисер Тим Миелантс. Овојпат станува збор за адаптација на новелата „Шај“ на Макс Портер, која во филмската верзија добива нов фокус и нов наслов. Додека во оригиналот централната фигура е тинејџерот Шај, филмот го сели тежиштето кон Стив – директор на интернат за проблематични момчиња, човек кој сака да им помогне, но постојано се судира со сопствените демони и со предизвиците на системот. Во претходна сообраќајка тој предизвикал смрт на девојче и од тогаш чувството на вина го потиснува со лекарства и алкохол.

„Стентон Вуд“ (наречен уште и „Последна надеж“) е дом за проблематични момчиња што општеството веќе ги отпишало. Борбата за позиција во хиерархијата во домот помеѓу жителите е постојана, но зад агресивната фасада има момчиња со висока емоционална интелигенција, кои се жива енциклопедија за хип-хоп или се разбираат од карпи и геологија. Но она што им дава некаква насока и заштита е на праг на распад – училиштето ќе биде затворено за шест месеци, а за момчињата тоа значи повторно исфрлање на улица. 

Приказната се одвива во рамките на само едно турбулентно деноноќие. Претпладнето кога документарна екипа пристигнува да сними филм за животот во училиштето, со скриена намера да се покаже „каде се фрлаат парите на даночните обврзници“, камерите стануваат катализатор за уште поголем хаос. Момчињата се како надразнети животни (оваа метафора честопати се спомнува - домот како зоолошка, а тие како заточени и диви животни), а слична станува и атмосферата во просторијата за вработените, кога посета „од горе“ им соопштува дека зградата е веќе продадена. 

Голем дел од сцените се снимени со рачна камера, ритамот е брз, постојано нешто се движи, некој се тепа или се дере. Среде сето тоа, Марфи создава лик исполнет со вина, љубов и беспомошност. Неговиот Стив е човек кој само сака да направи добро, но веќе не знае како. Кога го прашуваат да се опише во три зборови за спомнатиот документарец, тој вели: МНОГУ, МНОГУ УМОРЕН. До крајот на филмот овој умор ќе премине во очај. Иако финалето дава некакви назнаки за можната разврска, сепак е двозначен. „Катастрофата менува облици и може да стане утрешна радост“, вели Стив во последниот монолог, кој делува како да го слави животот и надежта. Звучи убаво, но само за оној што ќе го дочека утре-то.

Илина, Букбокс

5 октомври 2025 - 19:45