Букбокс гледаше: „Монахот и пушката“ (Бутан, 2024)

Сатиричен филм за преминот на Бутан од кралство во парламентарна демократија, процес започнат во 2006 - некои сцени во кои „јатаци“ на западните организации во бели џипови се обидуваат да ги „цивилизираат“ локалците ќе ви се видат необично познати. 

„Монахот и пушката“ (достапен на ХБО) се однесува на момент во историјата на Бутан кој би требало да е добредојден - мирна трансформација од кралство, по доброволното абдицирање на кралoт Џигме Сингје Вангчук, кон парламентарна демократија и подготовки за првите повеќепартиски избори. Тоа е истиот оној крал кој, врз основа на идеите на негов претходник, го има иницирано Индексот на бруто национална среќа, за мерење на благосостојбата на земјата, кој е влезен и во нивниот Устав. 

Режисерот, Паво Чојнинг Дорџи (номиниран за Оскар за неговиот претходен филм „Лунана: јак во училницата“), ја заснова приказната на вистински настани. Неговата критика на наметнувањето на стандардите на западната демократија дури и во изолирани бутански села се должи на негови искуства со истата - неговиот татко бил дипломат, а тој растел и во Европа, на Блискиот Исток и во САД. Истовремено, некое време живеел со колега-режисер кој е истовремено монах во манастир во Бутан проучувајќи го будизмот. 

Таа почнува токму во еден таков манастир, кадешто главниот лама, слушајќи на стариот транзистор за плановите да се организираат лажни избори, како показна вежба за демократија, ја изговара необичната реченица - „Ми требаат две пушки. Нештата треба да се исправат.“

Неговиот ученик Таши не навлегува во толкување на мистериозното барање, туку веднаш се фаќа за работа. Тргнува пеш низ регионот барајќи оружје, но залудно - народот на Бутан како да нема потреба од него. Како во стандардна комедија на „серендипити“ средби и разминувања, во исто време пушка со антикварна вредност бара и рендом Американец-трговец со старо оружје. Заплетот се случува кога сопственикот на пушка од Американската граѓанска војна, која кој знае како се нашла во Бутан, неимпресиониран од куферот пари на странецот, ќе одлучи истата да му ја даде на монахот, како благодарност за духовната поддршка на манастирот во областа. 

Истовремено со оваа приказна се одвива друга, пресмешна, за обучувањето на населението да гласа. Се формираат фиктивни партии - сината е за слобода и рамноправност, црвената за индустриски развој и жолтата за одржливост. Претставниците на НВО-ата дури и ги подучуваат локалците како да формираат ривалски групи и да се расправаат едни со други, сè за „поттикнување демократски дијалог“. „Ова не сме ние“ - реагира бабичка, на ваквото разгорување на страстите помеѓу луѓе кои се сметаат за едни од најзадоволните со своите животи во светот. 

И навистина, дури и за лажни избори, поделбите почнуваат да ги нарушуваат семејните и соселанските односи. Се караат маж со жена, тешта со зет, едни ученици со други, само затоа што некој промовира одреден (фиктивен!) кандидат.

И медиумите почнуваат да се загреваат, и тоа во земја во која во 2006 се одбележуваат помалку од една деценија откако е укината забраната за ТВ и интернет. Сега одеднаш тука се нацртани Си-ен-ен, Би-би-си, Ал Џезаира. Локалците со неверување се гледаат себеси на телевизија, а веќе во следниот кадар логото на Ем-ти-ви со симнувањето на Армстрог на Месечината и трејлер за тогаш новиот филм со Џејмс Бонд, во кој Даниел Крејг на рамо носи огромна пушка АК-47. „Избори? Тоа е некоја нова болест на свињите“ - ја прашува монахот организаторката на симулацијата. Таа пак има проблем да ги регистрира потенцијалните гласачи, затоа што тие на прашањето - датум на раѓање, одговараат со „Годината на дрвениот зајак“ или „На 15-тиот роденден на кралот“, чудејќи се зошто еден ваков податок би бил релевантен за што и да е. 

Филмот завршува како ренесансна комедија, со сите инволвирани на куп, во будистички ритуал кој ги слави мирот и сплотеноста. Во реалноста, на 24 март 2008 Бутан ги одржува првите избори и со мирна транзиција се отвора кон светот и модернизацијата, задржувајќи си ги своите традиции и посебноста.

Илина, Букбокс

2 јули 2025 - 10:37