
Замислете доколку во „Сè или нешто“, онаа ТВ игра со кутиите, сумите што треба да ги погоди играчот би биле распоредени по клуч од само пет комбинации. Некој опседнат со статистика и анализа на епизодите би можел после првите обиди да сфати за кој терк се работи и одејќи по него да ја добие највисоката сума.
Во „Најсреќниот човек во Америка“ играта се вика Press Your Luck и не е со кутии, туку со квиз на знаење, по што следи притискање тастер и викање „стоп“ пред светлечка табла на која се вртат можните добивки (заедно со „црниот Петко“ кој означува крај на играта). Таа се емитувала на Си-би-ес од 1983-1986, но врвот на популарноста го постигнала во 1984, поради скандалот со учесник кој успева да ја пробие шемата.
Неговото име било Мајкл Ларсон, мајстор за поправање клима-уреди и возач на камион за сладолед, кој открил дека таблата на играта не се движи по случаен редослед, туку по само пет предвидливи шеми. Тренирајќи со видеорекордер и паузирајќи снимки, тој станал вистински мајстор на играта уште пред да седне на „жешкото столче“. Всушност, филмот започнува со неговата аудиција на која упаѓа „со иле“, без да се има пријавено претходно и под лажно име. Но продуцентот е заинтригиран од неговиот необичен изглед и од тоа што пропатувал илјадници километри со камиончето за да си ја испроба среќата - точно како што гласи и насловот на квизот, па решава да ризикува.
Сепак, кога конечно се појавува во шоуто, Ларсон не се потпира на среќа — игра како шахист кој однапред ги знае сите потези. На почетокот „глуми лудило“, па дури и губи, но потоа незапирливо галопира кон високите суми и го пробива дотогашниот рекорд од 21.000 долари, освојувајќи над 100 илјади (денешни над 330 илјади). Во режијата владее паника, паѓаат предлози за „минирање“ на играта, се откриваат детали од приватниот живот на Мајкл и неговиот вистински мотив за победа. Но законски, тој е чист затоа што памтењето на шеми не се смета за измама. Публиката е на негова страна, фаќајќи сеир како „малиот“ човек успева да го надмудри системот.
Филмот завршува со ваков тон, но реалната приказна е понеславна. „Најсреќниот човек во Америка“ ги троши парите на луксузи и на сомнителни инвестиции. Ларсон исчезнува, бегајќи од властите поради вклученост во финансиска пирамида. Починал од рак на грло во 1999 година, на возраст од 49, сам и скриен во Флорида. Во светлина на овие факти, филмот е трагикомична одисеја на човек кој не знаел кога е доста.
Илина, Букбокс