Светислав Басара

Диктатура на забаваријатот

Сакам јас и забава, и слободни активности, ихааа! Но светот во којшто нема ништо друго освен забава и слободни активности ми се чини како кошмар.

Сè ќе биде на копче, никој ништо нема да работи, валканите (и сите други физички) работи ќе ги вршат роботи, луѓето времето ќе го минуваат во слободни активности, културно „воздигнување", забава и повремени туристички обиколки на Марс и на Месечината - ете така, млади мои џангризави старци, во средината на шеесетите на минатиот век видовитите новинари го опишуваа светот по 2000-тата. Не знам за другите, но јас им верував. Едвај ја дочекав 2000. А кој не?

Како и повеќето пророштва - особено оние весникарските - и ова само делумно се оствари. Денес, 2015, факт, многу работи се на копче, исто така е факт дека луѓето времето го минуваат главно во слободни активности и забава, за патувањата на Марс и Месечината, тука има уште некои технички и организациски проблеми. Но да не бидеме меѓутоа премногу ситничави. А и што би правеле, по ѓаволите, на Марс и на Месечината?

Храбриот нов свет е значи тука, а сепак нешто не штима. И не само што не штима, туку е сто пати полошо отколку што беше во стариот добар свет. Понекогаш се прашувам - зошто е тоа така - и првата помисла која ми паѓа на памет е дека тоа е заради неизлечивата склоност кон забава и слободни активности. Не скокајте, не сум ви јас поклоник на доктрината Arbeint macht frei! Напротив! Далеку од тоа. Сакам јас и забава, и слободни активности, ихааа! Но светот во којшто нема ништо друго освен забава и слободни активности ми се чини како кошмар.

Не беше отсекогаш така. И во времињата многу постари од оние за кои зборував, слободните активности и забавата имаа свое место во човечките животи, но ним им се пристапуваше, така да кажам, рационално. Што се вели - на лажичка. Повремено, да речеме, ќе имаше некаков карневал, а уште поповремено во селата и градовите свраќаа мечкари или некаква патувачка театарска трупа, а кај нас, на Балканот и во Србија, забавите се сведуваа на свадби, слави и панаѓури. Добро де, и на познатата забава за сиромашни - ноќни крици и шепоти.


Не велам дека светот во тоа време беше поудобен, па дури ни дека беше подобар - паднатиот свет отсекогаш бил паднат свет - но ми се чини дека беше помирен и постабилен. За сè имаше место. Но на за тоа предвидените места. Певаљките, следствено, се дереа по крчми и под шатори, музикантите свиреа по свадби и панаѓури, додека учителите, професорите, лекарите и инженерите - во богоугодна тишина помеѓу два карневали - трудољубиво работеа и за таа работа беа чесно наградувани и уважувани. Дали во манирот на Славјанофилите (и српските патриоти) со ова предлагам враќање во селско-задружната земјоделска идила? Ма, јок! Што би рекле српските комунисти - нема враќање на старо. Така ни е како што ни е, а како ќе ни биде, тоа ќе го видиме. Нам, што се однесува до Србите, се' ни е јасно уште од почетокот на 19 век, кога Коџа Милош, слушајќи дека во Крагуевац стигнале мечкари, моментално ја напуштил првата театарска претстава во кнежевството.

Светислав Басара

6 август 2015 - 10:15