
Концептот на новото реално шоу во десет епизоди „Дестинација Икс“ (во британска и одделна американска продукција) е едноставен. Тринаесет натпреварувачи се собираат на аеродромот во Баден-Баден, Германија, од каде со хеликоптер и луксузен автобус со затемнети стакла се пренесуваат на тајни европски локации – по една во секоја епизода. По пат се соочуваат со предизвици, преку кои откриваат назнаки за тоа каде се наоѓаат. На крајот од секоја епизода, влегуваат во „собата со мапата“ и ставаат X на местото коешто го претпоставуваат. Оној што е најдалеку од вистинската локација – излегува од играта. Победникот на крајот добива 100.000 фунти. Секако, сето ова го прават без контакт со надворешниот свет, без мобилни и интернет.
Американската верзија ја води актерот Џефри Дин Морган, познат по својата брутална улога во The Walking Dead, што дава малку морничав тон. Во британската верзија, пак, водител е комичарот Роб Брајдон, кој во елегантни одела нуди многу потопла и духовита атмосфера.
Натпреварувачите се внимателно избрани. Има симпатични, но неснаодливи, како 23-годишниот Џејмс кој ретко патувал без родителите и самиот признава дека „не е најдобар играч“. Има и емотивни, како авторката на крими-романи Дебора, која тешко ја поднесува вината ако треба да излаже за предност во натпреварот. На другата страна стојат жестоките конкуренти: Ник, маратонец кој трчал во сите земји во светот и е преполн со амбиција, и Бен, инструктор за сурфање, кој ја крие својата натпреварувачка природа зад ведра насмевка. Секако, демографијата на групата е внимателно балансирана, па има претставници од различни социјални, етнички и возрасни групи: полничок лондонски таксист, некогашна полициска инспекторка, пилот, па дури и нуклеарна инженерка.
Како и во повеќето „риалити“ формати, дел од учесниците отпаѓаат уште на почетокот. Тројца од 13-те не успеваат ни да ја минат првата задача и остануваат на аеродромот. Останатите цел месец патуваат главно на слепо наваму-натаму (чудно, никогаш не сфативме каде јадат и каде се тушираат), при што некои – како младата нуклеарна инженерка Џудит – се обидуваат преку положбата на сонцето да проценат каде се движат. Од време на време прозорците на автобусот се од-замаглуваат, па тие можат да добијат барем фрагменти од сцени кои би можеле да асоцираат на локацијата. Кога излегуваат надвор, тоа е најчесто за да учествуваат во предизвик во кој можат да заработат предност. Загатките се збунувачки и наменски создадени за да поттикнат сојузи и предавства. И гледачите можат да играат паралелно преку QR кодови и да ставаат свои X-ови на виртуелна мапа, но ова важи само ако шоуто се гледа во живо.
Освен забавниот аспект, шоуто е и поучно и информативно. Но најмногу од се' остава впечаток колку Британците (доколку ова е некој нивен репрезентативен пресек) не знаат за Европа. Дури и спомнатиот маратонец имаше проблем да најде еден познат хрватски град на мапата. Не ја гледавме американската верзија, но доколку и таа се одвива на „стариот континент“ тогаш веројатно ќе биде уште полошо. Додуша, гледачот не секогаш сфаќа дали одреден играч само се прави глупав или навистина не сфаќа каде се наоѓа, само за да ги залаже „колегите“. На пример, кога во планински манастир одекнува „Мала ноќна музика“, назнака за тоа дека се наоѓаат во Австрија, еден од нив извикува - „Знам! Бетовен!“. Некои од предизвиците додуша се покомплицирани, како кога регионот е повеќејазичен, на пример Алзас или кога нешто личи на колосеум ама не е „тој“ колосеум.
По она што го читаме, шоуто не користело компјутерски графики, имало огромна логистика од 50 возила во конвој и неверојатна организација која не дозволувала учесниците да видат или слушнат нешто што би им укажало на решението. Иако некои од предизвиците не беа толку мистериозни колку што посакувавме (што не дојдоа во Македонија?), уживавме во убавите пејзажи и играта која не беше толку сурова колку во некои други реални шоуа.
Илина, Букбокс
Види претходно: „Предавници и кртови: трендот на реални шоу програми на тема доверба“