Предавници и кртови: што е со трендот на реални шоу програми на тема „доверба“?

Во времето кога за да се играат друштвени игри не беа потребни дури ни шпил карти или табла, туку само добро расположено друштво, синоним за „парти гејм“ беше играта „Мафија“. Во неа граѓаните, полицаецот и лекарот требаше да ги детектираат мафијашите во нивните редови. По нешто сличен принцип се и неколку денес популарни реални шоу емисии, кои со мали нијанси го поставуваат прашањето - во кого, и дали воопшто може да се има доверба?

„Доверба: игра на алчност“ (САД, Нетфликс, една сезона), „Кртот“ (САД, претходно на ABC, потоа на Нетфликс, 6 сезони) и „Предавници“ (Британија, Би-би-си, 2 сезони со американска верзија) се три реални гејм шоу-а кои ни беа „виновно задоволство“ во зимскиве месеци. Пред себеси го оправдуваме со антрополошки увид не само во темата што ги спојува, туку и во евентуалните културолошки разлики во продукцијата. 

Премисата на сите три е слична - група натпреварувачи, кои се намерно бирани да претставуваат различна демографија (црни, бели, геј, пензионери, каубојци, џуџиња), минуваат низ меѓусебен процес на елиминација, врз основа на тоа колку си веруваат. Во „Доверба“ на 11 туѓинци уште на самиот почеток им се нудат 250.000 долари кои можат да ги поделат меѓусебе, но низ тн. „церемонии на доверба“ кои се одржуваат секоја вечер, тие имаат и избор - да елиминираат некого и со тоа да го зголемат потенцијалниот износ кој би го добиле како победници. 

Во „Кртот“ (The Mole) учествуваат 12 играчи кои работат заеднички на предизвици за да додадат пари на купот. Но помеѓу нив има еден кој го саботира натпреварот, а доколку не биде откриен го освојува целиот износ. 

„Предавници“ е апсолутен хит на Би-би-си, и нема британски медиум кој не ги следеше засега двете сезони со испрекинат здив. 22 играчи се борат за максимална награда од 120.000 фунти, некои во улога на „Лојални“, а други на „Предавници“. Доколку лојалните не успеат тимски да ги елиминираат предавниците, овие ги добиваат сите пари од заеднички извршените мисии. 

И покрај сличноста, она што ги прави гледливи особено една по друга, се разликите во дизајнот на самите игри, но и на позицијата на оној кој гледа.

„Доверба“ е релативно предвидлива за оној кој макар и површно ја следи динамиката на односи на играчите, сместени во луксузна вила некаде во Доминикана, во по малку клаустрофобична атмосфера а-ла-Големиот брат. Иако не е исклучено продуцентското замешателство во некои нивни одлуки, за да се обезбеди поголем с'спенс или да се испрати некаква „педагошка“ порака, елиминациите главно се сведуваат на на-ти, дај-ми, оговарања, местенки и индивидуални тактики за победа. Фактот дека играчите се со различно социјално потекло, но сепак Американци, прави дискусиите често да се сведуваат на „мене ме етикетираат затоа што сум црна“ или „ја повеќе ги заслужувам парите затоа што сум имала тешко детство“. По изгледани три-четири епизоди на човек веќе му се врти од испразни фрази од типот I hear you, I appreciate you, кои се само начин да не се каже она што навистина се мисли. 

Во „Кртот“ атмосферата е потензична, бидејќи гледачот не знае кој е саботерот, па она што го прават играчите - ловат знаци, анализираат однесувања и планираат неколку чекори однапред - практично го прави и публиката, ставена во активна улога. Спротивно на ова, во „Предавници“ уште од првата епизода знаеме кои се предавниците. Но оваа навидум пасивна позиција воопшто не е таква до крај, бидејќи се случуваат бројни пресврти, овозможени од откривањето на некои од предавниците, а и можноста „лојален“ да биде конвертиран во предавник. Ова е не само најкреативна од сите три франшизи, туку и најубава за гледање, сместена во замок во Шкотска со предизвици кои се одвиваат во природа, на прекрасните околни планини и лох-ови. И тука се повторуваат фрази на колнење и правдање („100% сум лојален“), но впечатокот е дека и покрај премисата на шоуто, луѓето реално се спријателуваат, па на предавниците доделената улога (за која додуша волонтираат) на крај им паѓа тешко. Ова не е случај во претходните две шоу-а, кои поради самата продукција, или поради карактерите на учесниците, се троа посурови. 

Сепак, интересно е што темата на доверба се наметнува како комерцијална и привлечна. Некогашниот шерлокхолмсовски лов на убиец е заменет со лов на оној кој е можен лажго и измамник, или кој просто е толку силен играч што мора да биде исфрлен како можен конкурент. Иако навиваме за добрите, не можеме а да не им се восхитуваме на оние кои без скрупули и со одлична тактика, која најчесто вклучува забодување нож во нечиј грб, успеваат да поминат од круг во круг. Што всушност слават овие емисии, рекламирајќи се како „само“ игра, а всушност прикажувајќи луѓе кои доживуваат реални емотивни крахови на камера само затоа што некому верувале? Да се нема доверба во никого? Или да се поттикне претпазливост - постојан штрек за тоа кој и во животот би можел да нè предаде?

Ако е ова пораката на овие тн. забавни емисии, тогаш светот кој тие го опишуваат е полн со недоверба и, богами, ич не е забавен.

Илина, Букбокс  

20 февруари 2024 - 06:50