„Љубовта е слепа“ (Love is Blind) е реално ТВ шоу на Нетфликс, создадено во 2020 во американската продукција со четири сезони. Покрај оригиналната, постои и бразилска, шведска и јапонска верзија под истиот наслов.
Станува збор за социјален експеримент, во кој немажени/неженети хетеро поединци се запознаваат, дури и се верат, без да се имаат видено физички. Просториите во кои се среќаваат („под“-ови) се одделени со непроѕирни препреки, па единствена основа врз која се развива евентуалната привлечност и доверба се муабетите. Oткако ќе се одберат меѓусебно, следи средба во живо и период на заеднички живот повторно во изолирана средина (на пример во одмаралиште крај море), и на крај самото венчавање, за кое најчесто владее невидена неизвесност - дали некој ќе го откачи партнерот на самиот олтар, во присуство на родители и пријатели.
Културолошките разлики во верзиите кои ги ловевме и во претходниот осврт за реалните шоу-а „Доверба“, „Предавници“ и „Кртот“ (види тука) тука се уште поистакнати, што е и логично, со оглед на тоа што барањето партнер е многу поинтимен чин отколку саботажата на акција за освојување висок износ пари на групата. Ја гледавме шведската и јапонската верзија, па овој пат споредбата е на линија Европа-Азија.
Паровите, знаејќи дека времето е ограничено, бргу започнуваат со „чекирање“ на најважните теми, за да видат дали си одговараат: образование, религија, деца, пошироко семејство, кој каде работи (во смисла на географија, но и на професија) и пари. Швеѓаните на тоа многу рано во „играта“ додаваат и физички детали, обидувајќи се да сфатат како изгледа другиот, бидејќи очигледно тоа им е прилично битно. Делува како продукцијата да има цензурирано доста од тие муабети, бидејќи најголемиот дел од играчите делуваат доста „попалени“ кога ги напуштаат сопчињата.
Спротивно на ова, во јапонската верзија, овој физички аспект речиси и да не се спомнува, нештата се подискретни, а истото важи и за религиската определба која воопшто не е во игра (за разлика од шведската, каде за една учесничка, чиј татко е пастор, е еден од клучните елементи). Тоа е така не само во ова реално шоу, туку и во уште едно јапонско кое се прикажува на Нетфликс, „Љубовен дед-лајн“, кое исто така функционира со спојување парови, но не на слепо. Тука девојката која е по „агресивна“ во таа, физичка смисла, и дополнително на тоа отворено бара партнер со високи примања, многу брзо е маргинализирана како нахална и е единствена која по своја волја ја напушта играта.
Во европската верзија на „слепата љубов“ исто така е понагласена конкуренцијата која владее меѓу играчите, има и бурни реакции, разменување информации и отворен натпревар. Во јапонската верзија нештата се многу посуптилни, дури и лицата на играчите тешко се читаат кога ќе се дознае дека „саканиот“ отишол за некоја друга. И во двете верзии имаше случаи кога раскинувањето се случи и претходно, уште во текот на заедничкиот престој под ист покрив. Секоја сезона има и дополнителна епизода која се објавува една недела по финалната, во која паровите неколку месеци по свадбите ги споделуваат своите искуства - дали оние кои раскинале си дале втора шанса кога камерите се исклучиле и дали оние кои се зеле се уште се среќни со одлуката.
Во подкаст епизода од подкастот „Звучи како култ“ посветен на оваа франшиза, се објаснува процесот на „регрутирање“ поединци, не само преку нивна апликација, туку и со барање луѓе на социјалните медиуми, во кафани или во црковни групи. Посебна компанија врши проверка на позадината на секој играч и психолошка проценка, а се гледа и помеѓу учесниците уште на хартија да има можна компатибилност.
Сепак, не е сè толку љубовно и розово како што изгледа на екранот. Во контекст на американската продукција, фрчеа обвинувања за малтретирање на учесниците со предолги снимања, без храна и вода, како и за сексуален напад на учесник врз неговата „свршеница“ за што продуцентите не презеле соодветни чекори. И во шведската верзија, една од учесничките, која замина порано од играта, дури во специјалната епизода изјави дека била вербално малтретирана од партнерот, што тој не го негираше.
Огромниот број гледачи (на пример, 30 милиона за американската верзија) покажува дека ваквиот жанр е популарен без оглед на средината. Затоа што љубовта, слепа или не, е важна. Како и одговорот што мачи - дали на крајот ќе се земат децата?