
Наскоро завршува школската година за матурантите, а почнува нивната подготовка за испитите. Во Унгарија оваа работа делува многу сериозно, со испрашување од неколку предмети кои не се полагаат писмено туку пред комисија, со извлекување коверт со прашања, онака старовремски, како што кај нас беше порано на факултет. 18-годишниот Абел Тремс, не многу бистар а и не премногу глуп, дополнително дефокусиран поради својата неискажана љубов кон соученичката Јанка, се обидува да учи. Симпатичен но тотално „аут“, тој како да лебди над ситуацијата, која неговите соученици и родителите ја сфаќаат крајно сериозно. „Во нашата фамилија нема човек што не положил матура“, му вели таткото, „без тоа ќе работиш како ѓубреџија“.
Повеќе од половина од од филмот (инаку достапен на ХБО), кој трае повеќе од два часа, го следиме Абел како се вози со точак низ Будимпешта, како зборува со Јанка на чет или само зјапа во материјалот, изнервиран дури и од брмчењето на фрижидерот. Во паралелни приказни се запознаваме и со професорот по историја Јакаб, стресовите со кои тој се соочува со ниската плата и двете мали деца, но и обвинувањата на дел од родителите дека во предавањата премногу либерално а премалку патриотски ја толкува славната унгарска историја. Ова на претходна родителска средба довело и до судир помеѓу него и таткото на Абел - инцидент чија сенка тежи врз испитот кој следи. Дополнителна компликација е и моментот во кој Јанка му изјавува љубов на професорот, ситуација која тој ја решава со многу такт. Но една друга, исто така неочекувана, ќе излезе уште посложена.
На испитот Абел доаѓа тотално неспремен. Му се паѓа прашање што не го знае. Бира второ иако тоа однапред подразбира пониска оценка. И за ова не може да гукне. Комисијата, па и професорот по историја, се обидуваат да го поттикнат, да му дадат време, генерално се фини затоа што и на школото не му одговара да има низок просек и паднати ученици. Онака патемно, Јакаб гласно забележува дека Абел на свеченото сако како за полагање носи „национална значка“. Откако овој ќе се откаже од полагање и со тоа автоматски ќе падне, токму оваа значка станува центар на приказната.
Нештата од тука натаму се забрзуваат и стануваат интересни. За оние неупатени во унгарската историја (како нас) не е проблем да се разбере дека тој симбол во боите на унгарското знаме очигледно претставува некаква идентификација со десницата и владеачката партија на Орбан. Но подеталното информирање ги открива и следниве детали: ознаката, која патем се вика „кокарда“ (терминот го има и во речникот на македонски јазик со значење „метална значка на службени лица“), традиционално се носи секој 15 март, на денот на Унгарската револуција од 1848, кога во бранот востанија низ Европа и Унгарија побарала слобода и независност од австриската (Хабсбуршка) империја. Иако најпрвин успешна, Австрија, со помош на руска воена интервенција, ја задушила до август 1849. Сепак, таа и денес е симбол на национална гордост, па на овој ден и млади и стари излегуваат на улиците на унгарските градови носејќи мала розета од обоени ленти во боите на унгарското знаме - црвена, бела и зелена. Така било и со Абел кој просто ја заборавил значката на сако кое ретко го носи. Но во последниве децении некои политички групи, особено десничарските и владеачката, ја користат кокардата како свој симбол, па оние „од другата страна“ ја поврзуваат со национализам и екстремизам.
Кога Абел ќе му раскаже на таткото за целиот настан, значката му станува добро оправдување зошто паднал на испитот. Фактот што професорот по историја воопшто го прашал за неа станува централно објаснување за неговиот неуспех, кој наводно се должи исклучиво на политичка нетрпеливост. Таткото ова му го раскажува на пријателот-доктор кадешто оди на преглед, откако ќе почне да го стега срце поради стресот од новостите. Докторот го кажува на таксист. Таксистот на фризерка, негова љубовница. Така стигнува до новинарка - сосетка на комшивката која случајно го фаќа муабетот низ отворениот прозорец. Кога таа прв пат ќе се појави во гимназијата со прашања околу настанот, директорот почнува да коби, дека неколкумина ќе добијат отказ, дека нема да се добијат средства за реновирање и остава за велосипеди. Сопругата на професорот по историја кубе коси дека ќе останат и без тие 500 евра месечно. Јанка му се лути на Абел затоа што излажал и ја вознемирил јавноста со нешто што во основа е лажна вест. Но неговите родители сепак се држат до приказната, задоволни што таа на крај овозможува тој да полага уште еднаш, без да му се смета како повторен испит, поради „специфичните околности“.
Финалето на филмот е тензично, со куп новинари во просторијата за испит. Но резултатот и не е толку важен. Матурирале или не, младите луѓе се фатени во мрежа на гнев, омраза и поделеност во која лесно се запаѓа, а од која тешко се излегува. За Абел и неговата генерација навидум има време. Работата е дали тие ќе сторат нешто со него, или тоа ќе ги прегази.
Илина, Букбокс