Со децении, Њујоршката филхармонија била составена исклучиво од мажи. Во 1966, со сесрдна поддршка на диригентот Леонард Бернштајн, таа станала првата жена - постојан член на оркестарот, со што ги отворила вратите и за други колешки. Во 2022, за прв пат во 180-годишната историја на Њујоршката филхармонија, жените во оркестарот станаа побројни од мажите.
Краткиот (35 мин.) документарен филм посветен на неа, кој во моментов може да се види на Нетфликс, е снимен од нејзината внука и единствена жива роднина, Моли О'Брајан, која ги регистрира веројатно последните активни моменти на денес 89-годишната музичарка. Во првите сцени, внуката, додека се мачи да го стави огромниот инструмент во лифт, ја прашува Орин: „Како си можела цел живот да го м'кнеш ова?“. Тетката студено вели - „После 87-тата, други го носат за мене“.
О'Брајан се пензионирала во 2021, после 55-годишна кариера од која поголемиот дел поминала во Филхармонијата. И во животот, и во филмот, таа очигледно одбегнува да биде во центарот на вниманието туку, исто како и со својот инструмент, сака да ја поддржува приказната од позадина. Така, филмот многу малку открива за нејзиниот приватен живот, освен дека тој бил исполнет не само со музика туку и со дружби, патувања и соработки. Долга е и линијата на нејзини ученици, а на еден од нив таа му го подарува својот омилен инструмент. И другите контрабаси наскоро треба да заминат, прво од големиот стан во којшто таа живее 50 години но веќе се распаѓа од мувла, а потоа и од сопчето во коешто таа ги реди еден до друг, благо навалени кон ѕидот, како задремани џинови.
Единствен подетален увид имаме во нејзиното детство. Родена во Холивуд, таа е дете на познатите актери од ерата на немиот филм и раните звучни филмови од 1930-тите, Џорџ О'Брајан и Маргарит Черчил. Нивниот брак, а особено нивните кариери по воведувањето на звучниот филм, почнале да се распаѓаат. Орин наоѓала утеха во свирењето - толку многу и толку често вежбала што прстите и биле постојано разранети. Секоја вечер ги потопувала во солен раствор за да ѝ заздрават. Истата посветеност таа ја бара и сега, на 89 години, од нејзините ученици. Во филмот го покажува тефтерчето со закажани часови, кое е преполно.
Ова е филм не само за една исклучителна жена, туку и за посветеноста кон својата уметничка мисија. Застаната во аголот на полупразниот стан од којшто се сели, таа со гримаса на престрашеност и со рацете на лице ги следи потезите на работниците кои го расформираат Стенвејот и ги поместуваат контрабасите. Некои од нив се стари и со видливи „лузни“ на телото, а најстариот се вика „Д Дјук“. Тие се нејзините верни сопатници низ времето и професијата, дискретни придружници на другите, „поважни“ инструменти во оркестарот, во кој долго време Орин била единствената девојка.
Филмот доби номинација за најдобар краток документарец на Оскарите кои ќе се одржат на 3 март.
Илина, Букбокс