
Во 2012 година, на 95 години, извесна Маргот Велк од Берлин за прв пат за јавноста зборува за својата „работа“ во седиштето на Хитлер. Годината за којашто таа раскажува е 1942, а местото Источна Прусија. Станот во Берлин на Маргот, која тогаш има 24 години, е бомбардиран, сопругот ѝ е на фронт, па младата жена оди кај своите свекор и свекрва во гратче од 300 жители по име Грос-Парч.
Новиот дом е на само два километри од „Волчјата јазбина“, скривалиштето на Хитлер и неговите блиски соработници. Таа и неколку други жени, млади и во добро здравје, се одбрани секој ден да ја вкусуваат храната што му се служи. Ова е секако ризично, но истовремено „се исплати“, бидејќи ем се плаќа, ем храната е добра, иако е без месо, со оглед на тоа што Хитлер е вегетаријанец (жал му е за животните...).
Откако Велк ја сподели својата тајна, тоа предизвика сензација во германските и светските медиуми. Низ годините инспирираше документарец, романи, театарска претстава, а неодамна и филм. „Дегустаторки“ (англискиот наслов е The Tasters) е базиран на романот „На софрата на волкот“ од Росела Посторино. Италијанскиот режисер Силвио Солдини ја претставува приказната како женска перспектива на војната, каде овие жени биле принудени секој ден да играат „руски рулет“, јадејќи оброци кои можеле да бидат затруени.
Велк тврдела дека со уште 14 жени поминале повеќе од две години во таа улога, создавајќи блиско сестринство под тешки околности. На крајот, таа успеала да избега во Берлин, но подоцна дознала дека сите останати биле убиени од Црвената армија.
Некои историчари изразуваат сомнеж: во архивите нема докази за официјални „жени-дегустаторки“. Познато е дека храната на Хитлер минувала низ строги проверки и дека тој имал свои готвачи кои ја пробувале. Некои истражувачи сметаат дека се можни искривени сеќавања поради траумата и протокот на време, но нема докази дека Велк намерно лажела.
И покрај сомнежите, приказната инспирира, бидејќи зборува за моќта, диктатурата и улогата на жените во војната. Тоа е приказна за преживување и женска солидарност во мрачниот период, а не (само) филм за Хитлер.
Илина, Букбокс