
„Нескршливиот“ од Лора Хиленбранд е биографија на Луис Замперини – олимписки атлетичар кој станал херој во Втората светска војна - која oткако излезе во 2010-тата помина повеќе од четири години на бестселер листата на Њујорк Тајмс и е петта со најдолг стаж на овој список од жанрот биографија на сите времиња.
За ова има и добра причина - приказната за Замперини е навистина инспиративна и речиси неверојатна.
По падот на неговиот авион, тој преживеал 47 дена на отворено море, а потоа завршил како воен заробеник во Јапонија, каде бил брутално малтретиран од јапонскиот офицер Муцухиро Ватанабе, познат како „Птицата“. Книгата во 2014 е адаптирана во филм (достапен во моментов на ХБО), во режија на Анџелина Џоли, а уште поинтересно е што ко-автори на сценариото се браќата Коен.
Иако филмот следи голем дел од настаните опишани во книгата, многу детали се прескокнати поради ограничувањето на филмското време (иако и вака тој трае повеќе од 2 часа). Во филмот, атлетската кариера на Луис започнува случајно, кога го фаќаат како им ѕирка под фустани на девојки од под трибините, на стадион на кој всушност тренира неговиот брат Пит. Забележувајќи го талентот на Луис за трчање (то ест во случајов - за бегање), Пит станува негов тренер. Наскоро Луис почнува да руши рекорди, меѓу кои и националниот за средношколци во 1934 година. Се натпреварувал и на Олимписките игри во Берлин на трката од 5000 метри. Иако завршил осми, последната обиколка ја истрчал за само 56 секунди, поставувајќи нов рекорд. Според книгата, дури и Хитлер сакал да го запознае.
Во 1941 година Замперини се приклучил на Американското воено воздухопловство. Во 1943-та бил испратен на мисија за пребарување со авион што бил во лоша состојба. Авионот се срушил во Тихиот океан, а само тој и уште двајца војници преживеале од повеќечлениот екипаж. Нивниот чамец за спасување бил слабо опремен, а во текот на деновите и неделите што следеле, тие се борат со глад, жед, ајкули и напад од јапонски авиони. На 47-от ден има добра и лоша вест. Ги прибира голем воен брод, ама, јапонски.
Испратени се на остров некаде на Пацификот, во логор за воени затвореници каде што Замперини е измачуван и испрашуван. Подоцна бил префрлен во логорот Омори во Јапонија, каде што се соочил со Ватанабе – садистички настроен офицер кој особено го малтретирал, поради неговиот олимписки статус. Иако во логорот имало стотици затвореници, „Птицата“ постојано го следел Замперини и го нарекувал „затвореник број еден“.
Некои сцени со измачувањето во филмот се реални, како онаа кога Замперини мора да држи тежок дрвен греда над глава додека не паднал од изнемоштеност, по дури 37 минути. Реално е и екстремното слабеење на главните ликови, кои за филмот морале да се придржуваат до строг режим на исхрана од 700 калории дневно (наводно поради солидарност до истото се држела и самата Џоли). Замперини бил приморан да се појави на Радио Токио за да негира дека е мртов, како што претходно објавила американската радио станица Ен-би-си, но подоцна одбил да чита пропагандни изјави во замена за подобар третман.
Една од најмрачните сцени од филмот, кога сите затвореници се наредени и го удираат Замперини по лице по наредба на Ватанабе, навистина се случила и траела околу два часа. Затворениците подоцна пресметале дека сите силно го удриле вкупно 220 пати.
Во август 1945, по завршувањето на војната, затворениците биле ослободени. Јапонците се повлекле, а Ватанабе избегал пред да дојдат Американците. И покрај неговите злосторства, тој никогаш не бил изведен пред суд. Замперини пак останал доследен на договорот што го направил со Господ во текот на тие 47 денови во чамецот - дека ако му помогне да преживее засекогаш ќе го слави неговото име. Решил да им прости на своите измачувачи и во Јапонија се сретнал со повеќето од нив. Само „Птицата“ одбил. Филмот завршува со архивски снимки од неговото носење на Олимпискиот оган на 80 години, на отворањето на зимската олимпијада во 1998 во Нагано, токму во близина на логорот кадешто бил држен како затвореник.
Илина, Букбокс