Букбокс гледаше: „Аргентина, 1985“ (2022)

Филм кој е уште еден во големиот куп филмови кои се водат под етикетата „процедурална драма“, што значи дека воглавно се одвиваат во судница. Но деталите поврзани со нам малку познатата историја на Аргентина и фактот дека станува збор за преседан во судската историја на светот, го прави овој филм вреден за гледање.

„Аргентина, 1985“ на Сантјаго Митре ја раскажува вистинската приказна за историското судење на воената хунта во Аргентина, две години по нејзиниот пад. Тоа е прв познат случај во модерното судство на граѓански суд да се судат припадници на воена диктатура.

Главната улога во „најголемиот процес по судењата во Нинберг“ ја има обвинителот Хулио Страсера, кој ја презема тешката задача да ги обвини деветмина генерали за воени злосторства. Ова е време кога војската сè уште има големо влијание, а јавноста е поделена и често заведена од пропагандата. 

Откако воените судови се покажуваат премногу благонаклонети, судењето преминува во рацете на цивилната правда. Страсера, без поддршка од старите структури (напротив - постојано соочен со смртни закани), формира нов тим од млади и ентузијастични правници кои се свесни за тежината на моментот и за својата улога во расчистувањето со минатото. На овој чекор се одлучува кога сфаќа дека сите асални колеги во меѓувреме или се повлекле од јавниот живот или се убиени. Интервјуата за прием на младите наликуваат на сцени од комедија - сите го имаат потребното образование но не знаат да наведат ни две имиња од составот на новата власт,  а не се баш сигурни ни за Черчил и Наполеон.

Откако еднаш ќе се одлепи од клишеата и ќе почне да ги пренесува потресните сведоштва на реални жртви, филмот станува порелевантен за конкретниот контекст. Особено е потресно сведочењето на жена која била киднапирана во висока бременост и се породила врзана и со заврзани очи во заробеништво. Тука веќе паѓа во вода секое тврдење на претставниците на одбраната, дека милитаристичкиот режим со вакви постапки сакал да ја заштити земјата од „комунистичка закана“ и од левичарските герилски организации. Собраниот доказен материјал на над 4000 страници покажува дека 30.000 луѓе биле исчезнати, многу жени биле затворани во тајни центри принудени да ги раѓаат децата кои потоа биле давани на семејства лојални на режимот, а организација под име „Мајки од Мајскиот плоштад“ произлегла како протестно движење на оние мајки кои и за време на судењето се уште се во потрага по своите киднапирани синови и ќерки. 

Паралелно, приказната вметнува и семејни моменти, кои го прикажуваат Страсера како обичен човек, полн со сомнежи и стравови, но решителен тогаш кога е најпотребно. Интересна е и приказната на неговиот заменик, чиј вујко полковник бил дел од хунтата и чие семејство најблаго речено не го поддржува неговиот ангажман околу процесот. Филмот трае 140 минути и покрива огромен обем материјал, но благодарение на ваквите моменти успева да ја задржи интензивноста. Истовремено, во одлично направена монтажа на играните со документарните снимки и фотографии од судењето успеваме барем за миг да ги видиме и реалните ликови. Кулминацијата е завршниот говор на Страсера – еден од највпечатливите во поновата кинематографија – што го заокружува чувството за правична победа и историска правда. Веројатно токму заради овие елементи тој беше номиниран за Оскар во категоријата најдобар меѓународен игран филм, а во истата категорија го доби Златниот глобус. 

Илина, Букбокс

23 јули 2025 - 10:25