
Првата епизода од мини-серијата „Адолесценција“, чии автори се Џек Трон и Стивен Греам (кој игра и една од улогите), почнува агресивно и нагло. Полицијата крши влезна врата од куќа во предградие на неименуван град во Британија, за да го уапси 14-годишниот Џејми Милер. Обвинувањето е - убиство на негова соученичка, Кејти Леонард, која наводно едвај ја познавал.
Шокираноста на самиот Џејми и неговото колнење пред родителите дека не е сторител на ова ужасно дело го потхранува и нашето уверување дека станува збор за грешка. До последно сме убедени дека во некаков неверојатен пресврт ќе се открие вистинскиот и возрасен сторител. Затоа што е неразбирливо зошто побогу едно сакано дете, од не многу богато но сепак функционално семејство, кое го поминува своето време главно играјќи видео игрици во својата соба, би посегнал по нож за да повреди врсник?
Oва „зошто?“ нè внесува во тинејџерскиот свет кој постои главно онлајн и во кој возрасните немаат речиси никаков удел. Таму Џејми е осамен, малтретиран и етикетиран како „инцел“, член на супкултура на главно бели хетеросексуални мажи кои тврдат дека не можат да најдат романтичен или сексуален партнер, обвинувајќи го за ова општеството и жените, а понекогаш посегнувајќи по екстремни средства (насилство, тероризам) за изразување на своите ставови.
„Етикетирањето“ е всушност многу суптилно и речиси неразбирливо за аутсајдерите. Во случајов се состои од емоџиња во коментари на Инстаграм под објавите на Џејми од страна на жртвата. Симболите на црвена „матриксна“ пилула и нејзина експлозија упатуваат на „ја гледам вистината“ - повик на дејствување на „маносферата“ односно на бунт, а пак сликичката со бројот 100 го отсликува „правилото на 80/20“ - тоа дека 80% од жените се привлечени од 20% од мажите и дека оттаму „мора да ги прелажеш затоа што никогаш нема да дојдеш до нив на нормалниот начин“. На полицијата и на наставниците им треба доста време за да сфатат што е она што Кејти го инсинуирала, дека Џејми засекогаш ќе остане без девојка.
Како може некој да биде неволен ерген со само 13-14 години? Па ако приказната почне така, веројатно таква и ќе остане, вели тинејџерската „логика“. „Адолесценција“ прашува што е она што доведува до една ваква ситуација, детската соба да стане најопасното место на коешто можат да бидат, седејќи на компјутер.
Но серијата не е само значајна по својата содржина туку и по техничките детали. Секоја епизода е снимена во еден единствен кадар, следејќи ја традицијата на „Јаже“ на Хичкок, „Допир на злото“ на Орсон Велс или на „Човек-птица“ на Aлехандро Инариту. До сега подолги сцени во еден „тејк“ во серии имало во „Вистински детектив“ и во „Мечката“. Но ваквиот пристап комбиниран со содржината на „Адолесценција“ дава посебен квалитет, на тоа да се биде вовлечен во динамичната приказна, која се одвива на четири парчиња, сите во по еден здив. Тоа ги нагласува и одличните актерски остварувања, бидејќи каква и да е грешка во оваа смисла би значело преснимување не на сцена, туку на цела епизода.
Серијата не нуди едноставни решенија, туку е повеќе предупредување. За тоа колку е лесно некој, особено млад човек, да биде задоен со идеологија, која ќе го натера да направи незамисливи нешта.
Илина, Букбокс