Од ризницата на древните лажни вести: Александар Македонски и Кипар

Историјата на Александар Maкедонски е исполнета со битки, освојувања и легенди што со векови ја замаглуваат границата меѓу фактите и митот. Колку повеќе растела неговата слава, толку повеќе приказни почнале да се плетат околу неговото име - некои вистинити, некои преувеличени, а некои целосно измислени. Една од нив е и приказната за неговата наводна посета на Кипар и необичното крунисување на сиромашен градинар. 

Според античкиот биограф Плутарх, Александар Македонски по соборувањето на тиранин во Пафос на Кипар (денес четврт град по големина после Никозија, Лимасол и Ларнака), сакал повторно да ја воспостави старата кралска династија на островот. Во потрага по последниот потомок на древното семејство, неговите војници наводно пронашле сиромашен човек по име Абдалоним, човек во искината облека што работел како градинар. Во сцена достојна за филм, тие го облекле во кралска пурпурна облека и Александар го поставил за владетел.

Приказната е привлечна затоа што совршено се вклопува во претставата за Александар како владетел со речиси натприродна способност да препознае достоинство и благородност дури и кај најскромните луѓе или просто да прави што ќе посака, дури и да поставува владетели-градинари. Но современите историчари сметаат дека приказната речиси сигурно не се случила така - а можеби воопшто не се случила на Кипар.

Историските извори покажуваат дека кипарските кралства доброволно му се потчиниле на Александар и му обезбедиле флота од околу 120 бродови за време на опсадата на Тир. Сепак, најголемиот дел од истражувачите денес се согласуваат дека самиот Александар најверојатно никогаш не стапнал на Кипар. Наместо тоа, неговата војска се движела долж источниот Медитеран, преку Левантот кон Египет.

Клучот за решавањето на мистеријата лежи во името Абдалоним. Лингвистички гледано, тоа не е грчко или кипарско име, туку има јасно феникиско потекло. Римскиот историчар Квинт Куртиј Руф раскажува речиси идентична приказна, но ја сместува во градот Сидон, на територијата на денешен Либан. Според оваа верзија, Александар го симнал од власт про-персискиот владетел на Сидон и барал наследник од старото кралско семејство. Тогаш го пронашол Абдалоним - сиромашен градинар од кралско потекло - и го поставил за владетел. Значи, драматичната сцена со градинарот, пурпурната облека и неочекуваното воздигнување навистина можеби се случила, но не на Кипар, туку во Феникија.

Останува прашањето: како оваа приказна се преселила од Сидон во Пафос? Историчарите предлагаат две главни објаснувања. Првото е едноставна грешка. Плутарх пишувал со векови по настаните и се потпирал на постари извори и усни преданија, каде географските детали лесно можеле да се измешаат.

Втората можност е многу поинтересна - политичка пропаганда. Со векови Кипар бил под власт на Птоломејската династија, грчките владетели на Египет кои наследиле дел од империјата на Александар. За нив било корисно островот да се поврзе што е можно посилно со ликот на големиот освојувач. Ако жителите верувале дека Александар лично го посетил островот, избрал локален владетел и го благословил кралското наследство, тогаш владеењето на новите господари изгледало полегитимно. Во таа смисла, приказната за Александар на Кипар станува пример за древна дезинформација - историски наратив изграден врз вистински настани, но преработен за политички цели.

Приказната оттаму денес се чита на два начина: како биографија на еден од најголемите освојувачи во историјата и како сведоштво за тоа колку вешто луѓето отсекогаш ја користеле историјата за да ја обликуваат сегашноста.

4 јуни 2026 - 16:03