Грците се бунат: во холивудската „Одисеја“ нема Грци

Филмовите инспирирани од античките митови и епови речиси секогаш отвораат прашања за тоа кој има право да ги раскажува и како треба да изгледа нивното современо претставување. Новата филмска адаптација на „Одисеја“ на Кристофер Нолан не е исклучок. Наместо разговорите да се водат околу продукцијата, вниманието се насочи кон едно друго прашање: зошто во приказна што се промовира како грчко културно наследство речиси и да нема грчко присуство?

Во текст од Крис Котону, објавен на 3 јуни во Гардијан, а пренесен со одобрување во грчките медиуми, се критикува фактот што во филмот, каде Мет Дејмон го толкува Одисеј, а во актерската екипа се и Зендаја, Шарлиз Терон и Том Холанд, нема речиси никакво учество на грчки актери. Иако продукцијата нагласува дека актерите биле избрани за да го „претставуваат светот“, критичарите посочуваат дека токму земјата од која потекнува приказната останала незастапена.

Дел од јавните расправи се фокусираат на прашањата за историска автентичност, особено околу изборот на актери за одредени улоги. Но за голем број Грци, како во земјата така и во дијаспората, проблемот е подлабок: чувството дека она што тие го сметаат за свое културно наследство повторно се претставува како нешто општо, цивилизациска придобивка одвоена од „грчкоста“.

Во тамошната јавност се појавија бројни предлози за актери со грчко потекло кои можеле да бидат дел од проектот, а филмски критичари потсетуваат дека Холивуд често продолжува да ја гледа грчката култура низ ограничени и стереотипни претстави. Ова чувство дополнително се поврзува со долгогодишните дебати околу културното наследство и сопственоста врз античкото минато. Критичарите прават и пошироки споредби, тврдејќи дека исклучувањето на Грците од ваков проект би било слично на создавање филм за други големи културни епови без луѓето чии традиции се поврзани со нив - со други зборови, дека Нолан врши „културна узурпација“ (или апропријација) на грчкото наследство. 

Ако после овие притисоци стават Грк, ќе бараме и Македонец. Макар и да јаде шампита во позадина.

5 јуни 2026 - 14:16