Потеклото на тенисот е сложено и не може прецизно да се одреди кога првата топка преминала преку мрежа. Современиот тенис произлегол од повеќе постари игри, меѓу кои и француската игра „jeu de paume“, а како официјален спорт бил формализиран во 1874 година. Оттогаш, неговиот специфичен систем на бодирање останал речиси непроменет.
Терминот „love“ за означување нула почнал да се користи кон крајот на 18 век, но постоел и порано во некои игри со карти. Пред тоа, во тенисот за нула се користеле поедноставни термини како „nothing“ или „nil“. Зошто токму „love“? Историчарите немаат сигурен одговор, но постојат неколку теории.
Една од најпознатите ја поврзува Франција со овој термин. Според неа, зборот можеби произлегува од францускиот „l’oeuf“, што значи „јајце“. Бидејќи јајцето има форма слична на нулата, можно е изразот постепено да преминал во тенискиот речник.
Друга, попопуларна теорија го поврзува терминот со изразот „for the love of the game“ - „од љубов кон играта“. Според ова толкување, дури и ако играчот нема освоено ниту еден поен, тоа не значи дека не игра со страст и посветеност. Ова објаснување за многумина звучи поверојатно бидејќи изразот постоел во англискиот јазик уште пред модерниот тенис да стане популарен. Постојат и други можни извори. Некои истражувачи укажуваат на холандскиот збор „lof“, што означува чест или пофалба.
И покрај промените што ги доживеал тенисот низ историјата, неговата приврзаност кон традицијата останала силна. Воведувањето тај-брејк системот било една од ретките поголеми промени, главно поради телевизиските преноси и потребата натпреварите да бидат пократки.
Се појавиле и алтернативи за „love“. Од 1970-тите понекогаш се користи и зборот „bagel“, бидејќи неговата кружна форма потсетува на нула. Почетниците велат едноставно „zero“, но искусните љубители на тенисот најчесто остануваат верни на традиционалниот израз.
Види претходно: Кога тенисот бил опасен спорт што се играл со волнени топчиња
Зошто тениските топчиња од бели станале жолти