Мерсо, главниот лик во славниот роман повеќе од седумдесет години е првата асоцијација на книжевен (па и животен) лик на човек отуѓен од својата средина заради сопствената асоцијалност, која се манифестира преку индиферентност и емоционална испразност. Него не го допира ни смртта на мајка му на чиј погреб присуствува како туѓинец, рамнодушен е кон љубовта на неговата девојка, а исто толку студено реагира и кога под жешкото алжирско сонце од банални причини вади пиштол и убива „еден Арап".
Освен ваквата одредница, во книгата нема никаков друг податок за убиениот, кој на овој начин тешко дека е и „лик" во вистинската смисла на зборот. Овој факт, според толкувачите на делото на Ками, се должи на неговиот генерален, колонијален став кон неговата татковина - Алжир. Тој до крајот на животот сметал дека Французите треба да останат во оваа земја, којашто е извор на инспирација на неговите најпознати дела, но и на неговата филозофија во којашто, како што нагласил секретарот на Шведската академија кога му ја доделувал Нобеловата во 1957, се препознава „медитеранскиот фатализам, чие потекло е сигурноста дека сончевата блескавост на светот е само краток миг кој наскоро ќе биде замрачен oд сенки".
И покрај приврзаноста кон родната земја и неговата амбасадорска улога во нејзината промоција, таа му ја нема возвратено љубовта. Напротив, во 2010, на 50 годишнината од смртта на Ками во сообраќајќа во Франција, група интелектуалци организирале настан под името „Караванот на Ками" со читања во седум алжирски градови, но властите го забраниле. Изговор: повеќето Алжирци се премногу зафатени со тоа да опстанат, па немаат време да се грижат за книжевното наследство.
Сепак, одреден број алжирски автори се обидуваат да се надоврзат на неговото дело, на тој начин оддавајќи му го заслуженото признание. Во 2011 на француски излезе роман на Хамид Грин, „Ками во наргилето", во кој млад Алжирец открива дека е непризнаен син на Ками и тргнува во потрага по неговиот вистински татко. Во 2013 пак излезе книгата на Камел Дауд, „Мерсо: контра-истрага", која француската критика високо ја оцени, и ја стави во најтесниот избор за наградата Гонкур. Се работи за приказната во „Странецот", но раскажана од аспект на брат на убиенот Арап, кој тука добива и свое име и идентитет - Муса.
„Муса беше мојот постар брат. Неговата глава изгледаше како да удира во облаците. Тој беше многу висок, да, и неговото тело беше тенко и јазлосано од глад и од онаа сила којашто извира од гневот".
Дауд на овој начин ја исправува книжевната „неправда" којашто на Муса му ја има направено Ками - му доделува карактер, семејство, историја, контекст, така за да можеме да сочувствуваме со неговата судбина и малку подобро да ги разбереме сложените алжирско-француски односи, кои „Странецот" нема намера да ги образложува.
Книгата на англиски ќе биде објавена во јуни, а подолг извадок од неа можете да прочитате во Њујоркер.
Песната инспирирана од „Странецот" на Кјур