„Бесконечната ноќ“ (мини-серија, 2023)

Бразилската драма во пет епизоди, направена според книгата на новинарката Даниела Арбекс под истото име, ја следи хронологијата на трагичниот пожар во Санта Марија, Бразил од 2013 кога во пожар во дискотека загинаа 242 млади луѓе. Ја пренесуваме надевајќи се дека и нашата приказна, толку слична на оваа, нема да заврши во правна и судска смисла на истиот начин. 

27 јануари 2013. Студентите од Универзитетот во Санта Марија, град со околу 300.000 жители во една од државите на Бразил, Рио Гранде до Сул, организираат журка за да соберат пари за еден поголем настан - нивното дипломирање. Всушност, нивниот град е најпознат токму по тоа, дека е динамичен, млад и студентски. Разбирливо, главната тема е нивната ИДНИНА - каде ќе се запишат и што ќе учат за да ги исполнат своите соништа. Мари таа вечер го слави својот дваесетти роденден. Фелипињо патува од своето село специјално за настанот. Гиљермо доаѓа на забавата од домот на неговите родители во Сао Паоло откако поминал четири години живеејќи во Австралија; Марко сака да ја напушти родителската куќа за да го продолжи животот во странство, а Граци одлучува да ги стави студиите на пауза и малку да ужива во животот. 

Ова се главните ликови кои ги запознаваме на почетокот на првата епизода на серијата чиј оригинален назив е „Цел ден бесконечна ноќ“ (Нетфликс, 2023). Но многу бргу со нив и се збогуваме. Во преполнетата дискотека „Кис“ во која настапува бенд во живо, по идеја на својот менаџер, пејачот активира прскалка во форма на ракавица која пушта искри. Мафтајќи со раката во воздух го пали сунѓерот поставен на нискиот плафон. Иако држи микрофон, не алармира никого, туку во паника од она што го направил ја напушта сцената.

Поминуваат повеќе од 20 секунди кога станува јасно дека луѓето треба да почнат да излегуваат. Но редарот на вратата, не сфаќајќи што се случува, не сака да пушти никого без да си ги плати пијачките. Уште десетина секунди убедување, кои за некого можеле да значат живот. Турканица, паника, пукање стакла, луѓе заглавени во ВЦ-то барајќи прозорец. Три часот наутро е, градот е во мрак, но светилките на прозорците почнуваат да се палат. Родителите избезумено вртат по телефони, барајќи си ги децата. Некои се тешат повторувајќи си дека нивните деца сигурно реагирале разумно и храбро и дека се спасиле. 

Но глетката пред дискотеката им ги пресекува нозете и на најприсебните. Пред неа веќе се редат телата на починатите, кои потоа се пренесуваат во спортската сала на универзитетот за препознавање. Во болниците е хаос, роднините мафтаат со фотографии на своите блиски, надевајќи се дека ќе ги најдат таму а не во мртовечницата. 

Исходот е страшен. 242 жртви и стотици повредени, некои со изгореници од кои долго ќе се опоравуваат. Мари, Фелипињо, Гиљермо, Марко - сите се мртви. Граци е жива, но со една нога. Член од бендот е починат, а другите иако најпрвин бегаат набргу се уапсени. Дуото обвинители убедува дека правда ќе има.

Но како што поминува времето станува јасно дека ќе „горат“ само оние од пониските ешалони - сопственикот на дискотеката се обидува и да се самоубие. Родителите формираат Здружение и почнуваат да дејствуваат заедно. Поминуваат година, две, три, шест. Сфаќајќи дека нема друго чаре, тие почнуваат да се служат и со „герилски“ методи на објавување тајни снимки и лепење постери низ градот со информации за корумпираноста на градоначалникот и одговорните функционери. Властите сега ги обвинуваат НИВ за ширење клевети и дезинформации, под закана на затвор. 

Следејќи ја нивната борба тие наоѓаат сила во заедништвото, но наидуваат и на големи разочарувања, особено кога и дел од јавноста им порачува дека е време да се откажат и да заборават. И покрај тоа што очекуваме катарзична завршница, која ќе ја задоволи правдата и годините минати во борба, тоа не се случува. И не само тоа, туку трагичните светски искуства како да се повторуваат со копи/пејст. 2025-та, од случајот во Санта Марија нема ниту еден осуден. 

Како ќе биде во Македонија?

Илина, Букбокс

21 март 2025 - 10:11