Букбокс гледаше: „Касандра“ (мини-серија, 2025)

Морничава приказна која го комбинира стравот од вештачката интелигенција со архетипот на гневната и одмаздољубива жена. Резултатот е ефектен.

Семејството Прил - мајката и вајарка Самира, таткото и автор на крими романи Давид, 17-годишниот Фин и малата Џуно, се селат на нова локација во обид да излезат на крај со неодамнешните трауматични настани, самоубиството на сестрата на Самира коешто се случува во нивниот дом. Куќата што ја купуваат делува како за богаташи, ама од 70-тите, со ретро мебел, рерна со ѕвонче и внатрешен базен.

Недопрена повеќе од 50 години, во неа има многу за поправање и чистење, но и детал кој истовремено ја прави и многу посакувана и некако морничава: стар компјутерски систем, сместен во подрумот, кој го контролира целиот објект, од температурата на водата за туширање, до пеење песнички за заспивање на децата. И тоа не е сè. Машината има човечко име и лик. Се вика Касандра, а нејзиното лице, освен на бројните екрани, го има и на црвен робот во човечка величина, кој се движи со тркалца, aма има и горни екстремитети, студени но способни да се претвораат во разни нешта, од нож до бор машина. 

Мајката е сомничава кон оваа технологија и од самиот почеток предупредува на можните ризици. Но малата Џуно е воодушевена од новата роботска „другарка“, која почнува да ја манипулира, па дури и да ја става во ризични ситуации, само за да ја намести Самира, дека е лош родител или дека ѝ треба психијатриска помош. Во тој момент приказната престанува да биде само за односот човек-технологија, туку прераснува во архетипска борба помеѓу две жени, едната ранлива а другата гневна и завидлива, едната од крв и месо, другата од студен метал.

Сепак, низ шесте епизоди од оваа германска серија достапна на Нетфликс, ја дознаваме и поинаквата страна на приказната - трагичната судбина на реалната Касандра од 1970-тите, чиј сопруг ја дехуманизира многу порано од моментот кога ја претвора во машина. Обидувајќи се новодоселеното семејство во нејзината некогашна куќа да направи свое, таа мора да ја елиминира конкурентката, со потези кои морално се нечовечки а се припишани на ламарина и пар осигурувачи. Сурова машина, која во случајов страда од скршено срце. Нејзиното име е исто со она на древната пророчка, која била проколната визионерски да ја гледа вистината, но никој да не ѝ верува. Во случајов, онаа дека дехуманизираните луѓе можат да бидат поопасни од каква и технологија.

Илина, Букбокс 

18 февруари 2025 - 10:33