
Новиот јужнокорејски филм „Натпреварот“ (Τhe Match, Нетфликс) е заснован на вистинската животна приказна на Чо Хун-хен и неговиот генијален ученик Ли Чанг-Хо. Првиот е професинален играч на апстрактната стратешка игра „Го“, карактеристична за Јапонија но за цела источна Азија, која започнал да ја игра уште на четиригодишна возраст. До денес тој има освоено над 150 професионални титули, повеќе од кој било друг играч на светот, трикратен победник е на сите отворени турнири во Кореја во која овој спорт има култен статус, а има освоено и 11 меѓународни титули. Тој е првиот Кореец кому му бил доделен 9-ти дан, највисоката титула за професионални играчи во овој спорт.
Филмот започнува со случајна средба помеѓу Чо и Ли Чанг-Хо на брзопотезно играње „Го“ на коешто гостува мајсторот. Тогаш Ли има само 11 години, но е прилично самоуверен и гладен за соочување со многу поискусни играчи од него. Откако решава комплицирана задача и му го испраќа резултатот, Чо му се нуди да биде негов „сенсенгним“ или учител.
Ова е вовед во нивната неколкугодишна врска, која е повеќе од менторска. Ли живее со семејството на Чо и секојдневно тренира со мајсторот. Но наскоро помеѓу нив почнува да расте тензија, произлезена од нивниот различен пристап кон играта. Додека Чо е агресивен и напаѓачки настроен, неговиот ученик има поинаква стратегија - да се победи со кротко напредување, без нагли потези и пресврти, па макар и за половина бод. Тој едноставно сака да си го пронајде својот „стил“ - термин од кој на неговиот учител му се крева косата на главата, бидејќи според него размислувањето за некаков стил е непотребно дефокусирање од главната работа, а тоа е како да се освои повеќе територија на плочата, односно повеќе поени.
Од турнир на турнир, доаѓа до моментот на големиот Натпревар - оној за прво место помеѓу учителот и ученикот. Јавноста е превозбудена како за финале на Вимблдон или светско во фудбал. Ли, користејќи го својот дефанзивен стил, победува. Дотогашниот мајстор е шокиран, а наскоро бара од Ли и да го напушти неговиот дом. Време е секој да си тера по својот пат, што би бил и природен начин да се продолжи, но не и со горчината и суетата на учителот, кој почнува дури и да пие.
Како што може да претпостави и оној кој не ја знае вистинската приказна, нештата до крајот на филмот се смируваат и порамнуваат. Древната игра „Го“ станува симбол за животот, во кој не е секогаш најважно да се победи по секоја цена. Снимен на многу сличен начин како и веќе нам познатите филмови и серии за шахот („Дамски гамбит“, „Реванш“), а веројатно и инспириран од нивната популарност, филмот не нуди кој знае каква новина во пристапот. Често запаѓа и во повторувања, особено прикажувајќи ја емоционалната состојба на главните ликови - Ли расплакан, Чо лут и изнервиран. Но играчите на „Го“, ако има такви кај нас, можат да препознаат потези а оние другите евентуално да се инспирираат да ја пробаат, импровизирајќи табла, црни и бели камчиња.
Илина, Букбокс