Има многу нешта што можеле да тргнат наопаку со серија чиј главен лик е сираче во Америка во 1960-тите, растено во сиропиталиште каде учи да игра шах од хаусмајсторот, за потоа да стане национален шампион. Постојано балансирајќи на работ на патетичното, „Дамски гамбит“ успева да остане исправена поради најмалку три нешта. Чпртоносестата Ања Тејлор-Џој, која ја играше Ема во екранизацијата на истоимениот роман на Џејн Остин од 2020. Дизајнот, костимите и шминката во филмот во кои можете да уживате и сами по себе, без воопшто да го следите дејството. И фактот дека советници во шаховските сцени биле најискусниот американски шаховски тренер, Брус Пандолфини и поранешниот светски шампион Гари Каспаров.
Иако звучи банално, она на што најмногу вежбале со актерите било зграпчувањето и движењето на фигурите. „Тоа е како да гледаш како некој ракува со бејзбол палка. Ако ја фати на средина, знаеш дека не знае и не сака бејзбол. Постојат одреденa рутина и течение во оваа работа кои сакате да ги отсликате“, вели Пандолфини. Тој и претходно бил консултант во филмски адаптации на животите на познати шахисти, како во „Барајќи го Боби Фишер“ каде е портретиран од Бен Кингсли.
Актерите ги памтеле потезите во секвенци, најчесто по три, и не смееле да застанат и да се мислат доколку тоа не било предвидено по сценариото. На самата табла имало мали знакчиња-потсетници. За актерите ова било слично како да треба да запамтат комплициран монолог, само не со зборови туку со шаховски потези. Како дел од подготовката тие требало да гледаат снимки од шахисти кои ги изведуваат истите.
Во книгата на Волтер Тевис под истото име, The Queen's Gambit, врз основа на која е симена серијата, сепак нема ниту еден преглед на потезите од почеток до крај на партија, онака како што тоа е прикажано во филмуваната верзија. Оттаму задачата на Пандолфини било да ги осмисли партиите така што да бидат логични и реални - последната позиција да се поврзува со претходните потези. Биле создадени 92 игри кои се вклопувале во сценариото, а филмската екипа ги нарекувала „Библијата“. Но со мали варијации на крај излегле 350. Се спомнуваат и отварања - Сицилијанска одбрана, Руи Лопез (или „шпанско отварање“), Левенфиш. Сето ова претставува и голема промоција на шахот особено кај помладата генерација - веќе се појавија видеа во кои се прават анализи на фиктивните партии од серијата.