Американската филмска академија неодамна соопшти дека од март 2027 ќе важат нови правила во однос на тоа кој ќе може да конкурира за престижниот Оскар. Актерските изведби мора „јасно да бидат изведени од луѓе и со нивна согласност“, што практично значи дека дигитално создадени или целосно вештачки ликови нема да можат да конкурираат за Оскар.
Ова правило доаѓа по бројните дебати во филмската индустрија околу „дигиталните актери“, а како пример се спомнува веќе „славната“ Тили Норвуд (види претходно тука), која минатата година предизвика големи реакции и критики од актерскиот синдикат.
Новите правила доаѓаат и по контроверзиите околу дигиталната верзија на актерот Вал Килмер, кој почина минатата година. Во најавата за филмот „Длабоко како гробот“ беше прикажана млада дигитална верзија на Килмер, создадена со архивски снимки и со согласност на неговото семејство.
Промени има и кај сценаријата. Академијата одлучи дека тие мора целосно да бидат напишани од луѓе за да можат да конкурираат за Оскар. Употребата на алатки со вештачка интелигенција нема автоматски да помогне или да одмогне на филмот, но човечкиот креативен придонес мора да биде главен. Академијата најави дека може да бара дополнителни информации од авторите за да провери како бил создаден текстот.
Овие одлуки се поврзани и со големите штрајкови во Холивуд во 2023 година, кога актерите и сценаристите протестираа токму поради стравот дека студијата ќе почнат да користат вештачка интелигенција наместо вистински автори и изведувачи.
Значајни измени има и во категоријата за најдобар меѓународен филм. Досега филмовите можеа да бидат пријавени само преку официјалните државни институции. Со новите правила, филмовите ќе можат да се квалификуваат и ако освојат важни награди на големи фестивали како Кан, Берлин, Венеција, Торонто или Бусан. Ова се смета за важна промена, бидејќи многу критички или политички филмови од авторитарни земји претходно немале шанса да бидат предложени од сопствените држави.
Од сега, кандидат ќе се смета самиот филм, а не државата што го предложила. На статуетката, покрај името на филмот и режисерот, ќе може да стои и името на земјата, доколку е применливо.
Дополнително, Академијата дозволи актерите да можат да добијат повеќе номинации во иста актерска категорија за различни улоги. Претходно тоа не беше можно, иако вакво правило веќе постоеше во други категории.