Имаме ли ваков поп?

Во последниве години, љубителите на алтернативната и експериментална музика сè повеќе откриваат необични автори од различни делови на светот. Особено внимание привлекуваат музичари кои комбинираат традиционални локални звуци со современи жанрови како дрон, амбиентална музика и експериментален рок. Во случајов атрактивноста е уште поголема бидејќи зад металот стои - поп.

Иако во насловот го носи зборот „метал“, албумот на грчкиот 52-годишен свештеник Дионисиос Табакис „Метал од рајот“ (Paradise Metal) нема класичен хеви-метал звук. Наместо тоа, тој создава атмосфера слична на амбиенталните и дрон-експерименти, каде тежината не доаѓа од агресија, туку од длабок, медитативен и просторно богат звук. Албумот е опишан како смирен, духовен и хипнотички, а истовремено има и некаква мистична тежина.

Табакис во својата музика користи влијанија од византиската музичка традиција, како и инструменти од грчката и од пошироката источна музичка култура, меѓу кои канун, уд, неј, зурла, понтиска лира и други. Иако за многумина оваа традиција е непозната, критичарите сметаат дека токму необичната комбинација на древни звуци и современа експериментална естетика го прави албумот едно од најинтересните изненадувања на годината.

Главен фокус на албумот е гитарската работа на Табакис, но низ композициите се појавуваат и вокали. На песната „Дај ми прегратка, допир на љубов“ има говорен вовед, додека во „На Богородица со гитара без прагови“ свештеникот пее со тивок и возвишен глас над суптилната инструментална подлога. Насловот се однесува на специјална турска гитара без прагови, која овозможува создавање микротонови, што даваат посебна емотивна и ориентална боја.

На најдолгата композиција, наречена „Техно Божиќ“, Табакис пее врз лесен техно-ритам, што е еден од ретките моменти кога албумот користи поизразен ритам. Во последните две песни се појавува и пејачката Евгенија Симела Армени, чиј меланхоличен и мистичен глас внесува дополнителна длабочина во завршницата на албумот.

Слушнете сами:

14 мај 2026 - 15:20